
По минатогодишниот привремен прекин поради пандемијата со Ковид-19, годинава продолжува вековната традиција на положување на крстот во осветените води.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.
Манифестацијата ќе се одржи на мостот „Слобода”, кај хотел „Холидеј ин”.
Одбележувањето почнува со празнична литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица од 9 часот. По нејзиното завршување, околу 11 часот ќе има литија од храмот до мостот „Слобода” и тука откако претходно ќе се изврши големиот богојавленски водосвет односно самиот чин на осветување на водите, крстот ќе биде спуштен во реката Вардар.

Од Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ги замолуваат верниците кои сакаат да учествуваат во празничните богослужби, како и на оваа манифестација, да ги почитуваат препорачаните мерки за заштита од корона вирусот.
Богојавление-Водици се одбележува и во другите епархии на МПЦ-ОА, како и во помесните православни цркви низ светот кои се водат според Јулијанскиот календар.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.
МИА
]]>


