Според британските медиуми цената што новиот сопственик ќе треба да ја плати за актуелниот европски шампион е околу 2,4 милијарди долари, но на новиот сопственик не му се брза, а цената паѓа.
Абрамович пред неколку дена ѝ даде право на добротворната организација на Челзи да раководи со клубот, но тој остана сопственик на клубот, а медиумите во Англија пишуваат дека тешко ќе се дојде до вистинската цена, бидејќи Абрамович во моментот е во неповолна ситуација.
За сето ова Абрамович излезе со соопштение, потврди дека ќе го продаде клубот и дополнително ја објасни својата одлука.
„Би сакал да кажам нешто за шпекулациите во медиумите кои се појавија во последните денови во врска со мојата сопственост на Челзи. Како што кажав и претходно, секогаш сум носел одлуки кои се во најдобар интерес на клубот. Поради моменталната ситуација донесов одлука да го продадам клубот, бидејќи верувам дека тоа е во негов интерес, интерес на навивачите, вработените, спонзорите и партнерите на клубот“, напиша Абрамович и додаде: „Продажбата нема да оди брзо, но ќе оди според процедурата. Нема да барам ништо од позајмиците. Никогаш не се работеше за пари или работа, туку за чиста страст за играта и клубот. Му наложив на мојот тим да основа добротворна организација на која ќе бидат донирани сите пари од продажбата. Парите ќе одат за жртвите од војната во Украина. Ова вклучува обезбедување средства за итни потреби, како и поддршка на долгорочна работа за опоравување. Оваа одлука ми беше неверојатно тешка, ме боли што се разделувам со клубот на овој начин. Сепак, верувам дека ова е најдобро за клубот. Се надевам дека ќе можам да го посетам Стемфорд Бриџ за последен пат, лично да се збогувам со сите вас. Беше привилегија да се биде дел од Челзи и горд сум на сите наши заеднички достигнувања. Челзи и навивачите ќе бидат во моето срце засекогаш“, напиша Абрамович.
Челзи освои 20 титули, вклучувајќи пет во Премиер лигата (2005, 2006, 2010, 2015, 2017), две во Лига Европа (2013, 2019) и два трофеи во Лигата на шампиони (2012, 2021) откако Абрамович е вегов сопственик. Клубот го купи во 2003 година.
]]>


