Русија и Украина договориле мировен договор?! Се појави нацрт документ со 15 точки

Украинско-руските преговори денеска ги обележаа невообичаено оптимистички изјави од двете страни, кои укажуваат дека е можен договор. Прво, украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето секојдневно обраќање до граѓаните на платформата Телеграм изјави дека има „можен простор за компромис“ во разговорите со Москва и нагласи дека ставовите на руската делегација сега изгледаат пореални.

Сличен оптимизам се виде и во изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој подоцна, во текот на денот, рече дека договорот за „неутралниот статус“ на Украина е блиску. „Преговорите не се лесни, а причините се очигледни“, изјави Лавров и додаде дека „сепак, постои надеж дека ќе постигнеме компромис, сега сериозно се разговара за неутрален статус, се разбира, со безбедносни гаранции’. Лавров рече и дека терминологијата на договорот е веќе дефинирана, а двете страни сега се поблиску до договор.

Според Фајненшл тајмс, нацрт-договорот содржи 15 точки и вклучува ветување дека Украина нема да влезе во никакви воени сојузи, нема да дозволи формирање на странски воени бази и оружје на нејзина територија и нема да ги отвора границите за членовите на странските сили. Договорот треба да вклучува воено-безбедносни гаранции од сојузниците како што се САД, Обединетото Кралство и Турција, а Киев ќе може да продолжи да ја одржува својата војска, според договорот. За возврат, руските сили целосно би се повлекле од сите територии што ги окупираа по 24 февруари годинава.

Според три извори кои разговарале со ФТ, Киев сепак треба да прифати одредени ограничувања на своите воени сили, а потенцијален проблем во преговорите би можеле да бидат одредбите според кои западните земји ќе ја гарантираат безбедноста на Украина во иднина.

Украинската страна веќе има лошо искуство со меѓународните гаранции за нејзиниот територијален интегритет – во 1994 година Русија вети дека ќе го заштити територијалниот интегритет на Украина доколку е потребно, а во замена Киев се откажа од својот дел од советскиот нуклеарен арсенал и ѝ го предаде на Москва.

Според нацрт-договорот, Киев треба да обезбеди и еднаква употреба на рускиот јазик во Украина, каде украинскиот моментално е единствениот официјален јазик, што беше една од наводните причини за руската агресија врз Украина.

Иднината на полуостровот Крим, што Русија го анектираше во 2014 година, и одметнатите провинции Луганск и Доњецк, чија независност ја призна Москва непосредно пред почетокот на инвазијата, допрва треба да биде решена, а украинските преговарачи велат дека тоа е потешкиот дел од преговорите, со кој ќе се занимаваат подоцна, но и дека се подготвени на „одредени компромиси“ во нивниот став во однос на интегритетот на тие територии.

И покрај оптимизмот, украинските преговарачи сè уште стравуваат дека Русија можеби продолжува да преговара само за да им даде време на руските сили на теренот да се реорганизираат, прегрупираат и да ги надополнат залихите пред да продолжат со нови офанзиви на украинските градови.

]]>

Најчитани вести