Koлинда за шведски весник: Со Путин разговаравме со часови, беше нормален

Шведскиот дневен весник „Дагенс Најхетер“ вчера објави интервју со Колинда Грабар-Китаровиќ, претставувајќи ја како можен наследник на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пишува „Индекс.хр“.

Имено, поранешниот норвешки премиер следната есен, по осум години, ќе ја напушти својата функција во Одбранбената алијанса и ќе стане гувернер на норвешката централна банка, а се шпекулира дека ќе го наследи жена од источноевропска земја.

Колинда одби да коментира дали таа ќе биде негов наследник во НАТО, или пак тоа ќе биде една од неколкуте можни кандидатки, какви што се поранешната британска премиерка Тереза ​​Меј, естонската претседателка Керсти Калјулаид или пак поранешната италијанска министерка за надворешни работи Федерика Могерини, но истакна дека уживала во нејзината работа како помошник генерален секретар за јавна дипломатија од 2011 до 2014 година.

Двајца новинари од „Дагенс Најхетер“ ја интервјуирале Грабар-Китаровиќ на 8-ми март по нејзиното предавање во престижната економска високообразовна институција – Стокхолмската школа за бизнис.

Освен шпекулациите за тоа дали „конзервативната Хрватка ќе го наследи социјалдемократскиот и мирољубив Норвежанец“, и приказните за растењето во комунистичка Југославија во семејство на татко на месар, во интервјуто Грабар-Китаровиќ раскажала и за нејзините искуства со Путин.

За разлика од меѓународните лидери кои го опишуваат рускиот претседател Владимир Путин како воен злосторник и лудак поради инвазијата на Украина, американскиот претседател Џо Бајден се запраша дури и дали неговиот руски колега има душа, поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ внимателно ги бирала зборовите што ќе ги каже за него во интервјуто за шведскиот весник.

Поранешната хрватска претседателка нагласила дека долго време укажувала на можноста за руската агресија врз Украина и предупредувала на можноста од актуелната криза: „За жал, токму тоа се случи. Мислам дека имаше одредена наивност во претпоставките, неговиот политички манифест од 2000 година, во кој се споменува обновувањето на економската моќ и позицијата на Русија во светот. Настаните во Грузија и Крим подоцна го највија ова што се случува“.

„За време на моите средби со него тој беше нормален и се однесуваше со почитување. Разговаравме за билатералните прашања, но и за регионалната ситуација во Југоисточна Европа. Разговаравме, меѓу другото и за Агрокор, компанија која беше во мнозинска сопственост на руски банки и `ѝ се закануваше колапс и создавање криза во Хрватска. Во ова, но и во некои други регионални прашања, Путин беше конструктивен и понуди решение.

Но, имаше области каде што не се согласувавме, како на пример, се разбира, проширувањето на НАТО“, изјавила Грабар-Китаровиќ, додавајќи дека за време на бројните средби со Путин знаеле да разговараат со часови за секојдневни теми каков што е и спортот.

Сепак, „Дагенс Најхетер“ не пропушти да спомене дека Грабар-Китаровиќ додека беше хрватска претседателка, при посетата на Москва во 2018 година за време на Мундијалот, на Путин му подари дрес од хрватската репрезентација со неговото име. На фотографиите и двајцата се насмеани со црвено-белиот дрес измеѓу, пишува шведскиот дневен весник.

Китаровиќ, сепак, била свесна дека Русија е активна во регионот, дека тензиите растат во Србија и Босна и Херцеговина и дека дестабилизацијата може да го поткопа Дејтонскиот договор од 1995 година.

Во текстот понатаму се истакнува дека 54-годишната хрватска политичарка, која од неодамна ги проценува идните домаќини на Олимписките игри во Меѓународниот олимписки комитет, ја поддржала се построгата миграциска политика на Хрватска. Во годините по кризата во Сирија. Хрватска доби остри критики поради принудното враќање на мигрантите кои ја минуваат границата, со што се нарушува нивното право да бараат заштита и азил.

„Сите земји имаат ограничувања за мигрантите, а Европа не може да ја апсорбира целата човечка мизерија во светот. Наместо тоа, треба да се обидеме да ги елиминираме причините за бегството на луѓето“, изјавила Грабар-Китаровиќ, која е полна со сочувство и разбирање за жртвите и страдањата во конфликтот во Украина, нагласувајќи „како таа многу добро знае што е војна“.

Весникот пишува дека Хрватска стана членка на НАТО во 2009 година и дека Колинда Грабар-Китаровиќ е за зајакнување на НАТО во цела Југоисточна Европа, која не сака да ја нарекува Балкан, бидејќи смета дека името „провоцира депресивни спомени“.

„Мислам дека е важно да се отвори патот за членство во Европската Унија и во еврозоната. Ако не покажеме дека постои таква можност, ја губиме поддршката од народот, а силите кои воопшто не му се наклонети на регионот можат да го искористат тоа. Потребна ни е поддршка за реформирање на демократските институции како што бара ЕУ“, изјавила Грабар-Китаровиќ.

На предавањето во училиштето за бизнис во Стокхолм, поранешната хрватска претседателка отворено зборувала за тоа како познатата фотографија на која лажно е прикажана во костим за капење ѝ нанела голема штета на нејзината политичка кариера и се залагала за построги правила за тоа што може да биде објавено. Таа порача и дека мажите треба да се вклучат во зајакнувањето на улогата на жената и како пример го посочила нејзиниот сопруг, Јаков, кој поради неа ја запоставил сопствената кариера и затоа го нарекувале „папучар“ и го исмевале, заклучува „Дагенс Најхетер“.

]]>

Најчитани вести