На годишната конференција „Година на нови можности“, на четвртиот панел „Рамномерен регионален и локален развој-придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделство“ говореше министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи.
Според него, миграцијата е најдлабоката рана на нашето општество, поради што се соочуваме со одлив на мозоци или интелектуална миграција и стареење на постоечката научна и професионална рамка и кадри.
Чупи меѓу другото најави дека со цел идентификување на бизнис-заедницата што живее надвор од земјава, а која опфаќа важни претприемачи, идни потенцијални инвеститори во нивните родни краишта, започнат е со реализација проектот за отворање на канцеларии за соработка со дијаспората во 23 општини.
Во продолжение ви го пренесуваме излагањето на министерот Чупи:
„За почеток би истакнал дека денешнава конференција нема да ни послужи само како информација за тоа што е постигнато туку и како основа за креирање и стимулирање на новитети со цел подобрување на рамномерниот регионален и локален развој на нашата држава.
Ќе ја отворам мојата дискусија со две реченици кои мора да бидат поврзани меѓу себе, а се однесуваат со дијаспората: „Миграцијата е најдлабоката рана на нашите народи” – каде што според последниот попис на населението, над 13% од граѓаните се дел од нашата голема дијаспора насекаде во светот. Како последица на ова се соочуваме и со така наречен „одлив на мозоци„ или интелектуалната миграција и стареењето на постојната научна и професионална рамка.
Втората реченица е дека „Дијаспората е драгоцена колку и самата татковина„ – а во таа смисла убеден сум дека дијаспората е важен сегмент и стратешки приоритет и за Владата на РСМ докажана преку креирање и имплементација на Националната Стратегија за дијаспора.
Имено, едногодишната посветеност како министер во Владата, но и поранешното професионално искуство ми докажува дека најдобар пристап за справување со овие проблеми и слични е преку заеднички и координирани институционални напори. Затоа не можеме да замислиме регионален и локален развој без системска соработка помеѓу владини агенции, научни институции, локална самоуправа, меѓународни организации, невладини организации и здруженија, поединци интелектуалци и бизнисмени во земјата и во странство. Во спротивно ако немаме соработка, лесно би можеле да се соочуваме со економска регресија и стагнација, подеднакво на национално или локално ниво.
Во тој контекст првенствено, ќе се осврнам кратко на активностите и реализираните проекти од изминатата година, на кои и покрај кризните предизвици, сепак успеавме да постигнеме оптимален успех, кои во никој случај немаше да се реализираат самостојно без поддршка и меѓусебно координирана соработка на релевантните институции.

Така, преку систематска имплементација на Националната стратегија соработка со дијаспората 2019-2023 г. и Акцискиот план кој произлегува од неа, успешно започна со реализација проектот за отворање на канцеларии за соработка со дијаспората во 23 општини.
Овие канцеларии се измислени да имаат посредничка улога каде што на припадниците на нашата дијаспора за време на нивниот престој во татковината ќе им се овозможи пристап до потребни информации и дополнителни насоки за соодветните постапки пред надлежните органи.
Во тој правец, мојот Кабинет спроведе и Обука за ориентација во работните активности и јакнење на капацитетите на службениците од сите вклучени институции во овој проект во соработка со МИОА и Меѓународната организација за миграции ИОМ.
Дополнително, овој договор ќе биде институционална рамка во која ќе се користи соодветна методологија за мапирање на научна и економска дијаспора за секоја општина посебно. Сакам да наведам дека мапирањето на економската дијаспора ќе придонесе првенствено кон идентификување на бизнис заедницата која ја сочинуваат видни претприемачи кои се потенцијал за идни инвестирања во нивните краишта и општини, кои би придонеле кон поттикнување на развојот на локалната економија.
Како заклучок, убеден сум дека овој транспарентен начин на креативно прилагодување на услугите за нашата дијаспора е единствениот начин за доближување на институциите до граѓаните од дијаспората, што ќе резултира во враќање на довербата на дијаспората кон државата.
Не заборавајќи ги ужасните последици од пандемијата, кога бројот на сиромашни семејства постојано се зголемуваше, улогата на дијаспората на полето на девизните дознаки, како единствен извор на приход за многу луѓе во земјава е на завидно ниво, кое се покажува во податоците добиени според анкетите на Народната банка, каде што се вели дека околу две третини од девизните дознаки се користат за финансирање на личната потрошувачка, чиј износ чини и до 4% од Бруто домашниот производ секоја година. Овде јасно се гледа дека се работи за сериозен влез на финансии, што воопшто не е за потценување.
Националната стратегија предвидува и инвестиции преку концесии, па според последните информации, Министерството за економија во синергија со параметрите на Европската комисија разгледува нов предлог-закон за концесии и за приватно и јавно партнерство. Доколку овој предлог-закон биде одобрен, тој ќе содржи одредби со кои ќе се предвидат строги санкции или парични казни во случај на злоупотреба во текот на процесот на управните постапки и спроведување. Тоа би значело дека потенцијалните инвеститори ќе се чувствуваат законски позаштитени и полесно ќе одлучат да инвестираат во нашата земја.
Како релевантна би ја споменал и иницијативата за организирање бизнис форуми по примерот на некои значајни претприемачи од дијаспората кои со формирањето на своите стопански комори имаат за цел размена на искуства и вмрежување на бизнис заедницата и во кои учествуваат претставници на успешни бизнисмени, значајни функционери како и градоначалници од земјите на престој на дијаспората и од нашата земја како модалитет за збратимување на градовите од Северна Македонија со градовите каде што нашата дијаспора е поголема”, заврши со своето излагање министерот Чупи.
Извор: Агротим.мк


