Тренчевска: Во времето на ВМРО-ДПМНЕ пензионерите беа во незавидна положба и зависеа од волјата на партијата на власт

„Во март 2022 година, на иницијатива на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, Владата на Република Северна Македонија ја измени методологијата за усогласување на пензиите“, информира министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска во интервју за рацин.мк. Таа додаде дека со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвиде нов начин на усогласување на пензиите, при што за усогласувањето на пензиите покрај растот на трошоците на живот се зема предвид и растот на просечната плата.

-Со овој начин на усогласување на пензиите се овозможува реален пораст на пензиите во однос на платите, односно како што ќе порасне просечната плата, во континуитет ќе растат и пензиите. Ова покажува дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ пензионерите беа ставени во незавидна положба и на волјата на политичката партија на власт, да одлучува за висината на нивните пензии. Со доаѓањето на Владата предводена од СДСМ, пензиите ги следат реалните показатели за раст на пензиите, оценува Тренчевска.

Според неа проекциите за порастот на пензиите во месец септември, согласно усогласувањето кое се прави двапати во годината, односно во март и септември, за месец септември е 6 отсто согласно пресметките за трошоците за живот.

-Но, да напоменам дека потребен е и другиот индикатор, тоа е просечната плата, податок кој ќе го добиеме крајот на месец август. Тогаш ќе ја имаме точната пресметка колку ќе биде овој процент и јавноста ќе биде информирана, вели Тренчевска.

Таа заклучи дека пензискиот систем е ефикасен и стабилен, пензионерите не треба да се грижат, а редовната и предвремена исплата ќе продолжи и понатаму.

Најчитани вести