Од декември, во периодот од 13 до 15 часот, ќе стартува дневната евтина тарифа за електрична енергија, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски. Покрај во овој период од денот, Бислимоски вели дека евтината тарифа останува да важи и во ноќните саати, од 22 часот до 7 часот изутрина. Дневната евтина тарифа се враќа откако беше укината на 1 јануари 2022, кога имаше зголемување на цената на електричната енергија.
Според Бислимоски, енергетската криза го зголеми темпото на енергетска транзиција и инвестиции во обновливи извори со што, како што вели, се намали значајно цената на електрична енергија преку ден и се создадоа услови за домаќинствата да може да користат поевтина дневна електрична енергија.
„Нашата држава, како и цела Европа, се соочи со енергетска криза, но беше мотивирачка кај сите и се започна со интензивен циклус со инвестиции во капацитети што произведуваат струја од обновливи извори на енергија. Ние тоа го нарековме Елдорадо на инвестиции во обновливи извори“ истакнал Бислимоски на трилатералниот состанок на Асоцијацијата на медитерански регулатори за енергетика МЕДРЕГ, Бордот на регулатори на енергетската заедница и Советот на европските регулатори за енергетика.
Тој посочи дека во време на енергетска криза за 20 отсто во земјава е зголемен инсталираниот капацитет, а стравот од високи сметки се покажал како најголема мотивација за да се стартува со интензивен инвестициски циклус, кој дал резултат. Со тоа, како што вели Бислимоски, се намалила увозната зависност и од традиционалните нотирани 30 отсто увоз на електрична енергија, процентот се преполовил и сега изнесува 15 проценти во првите неколку месеци од годинава.


