Фудбалерите на Романија, Холандија и Швајцарија го потврдија измината вечер својот настап на ЕУРО2024, додека Франција ја забележа највисоката победа во својата и во историјата на европските квалификации.
Романците и Швајцарците ги обезбедија двете први места во групата И на едно коло пред крајот на квалификацискиот циклус. Романија на неутрален терен во Унгарија го совлада Израел со 2-1, додека Швајцарија во Базел одигра нерешено со Косово 1-1.
На Холандија во Амстердам ѝ беше потребна победа за теоретски да го обезбеди пласманот на ЕУРО204 и до неа дојде со минимални 1-0, потврдувајќи го второто место во групата Б во која Франција со рекордна победа во Ница над Гибралтар од 14-0 остана лидер во максимални 21 бодови од седум натпревари.
Најголемата победа во историјата на репрезентативниот фудбал на Франција и воедно во историјата на европските квалификации беше навестена веќе во воведните пет минути во кои Гибралтар постигна два автогола. Во продолжението гостите останаа со играч помалку поради црвен картон, а во листата на стрелци се запишуваа Мбапе, Заир – Емери, Коман, Жиру, Клаус, Фофана, Рабио и Дембеле.
Досега се познати 16 учесници на ЕУРО2024 на кое претходно пласман обезбедија Англија, Франција, Шпанија, Белгија, Португалија, Турција, Шкотска, Унгарија, Австрија, Словачка, Албанија, Данска и домаќинот Германија.
МИА


