Возот в пченка

Груевизмот беше само глупавоносен, веројатно не и глупав за сам себе, па силите што ни поттураат тука автократија се занесле поприлично што замислиле дека е можна диктатура со недоветни автократи. Останува да аплицираме малку Бубакил, да испаднат вошките и гнидите, едно о-рук на вовчето од пченката, враќање на шини и правец – Европска Унија. Со компас!

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Читам наслов – еден денар поевтинил лебот. И се прашувам дали оној голем хадронски колајдер направил паралелен универзум во кој некој нашол значење во 1 денар поевтинување. Имаше симптоми за паралелен универзум со апсурдите како „линеарно покачување пензии“, што е суштински и фактички – нелинеарно. Изгледа во паралелниот универзум процентуалното сметање е непознато (или ерес), а сите кривини имаат барем еден разрушувачко-(анти)вредносен аспект кој може да се изврти во „линеарен“. „Линеарен“ гратис од 1/50-инка леб, едно бебешко залче. На килограм месо, пак, 10-20 денари, а тоа се цели 2 до 9 грама божем смрзната маржа. Десет пати „линеарно“ надокнадена со претходно поскапување. Можеби колајдерот нѐ исфрлил на бреговите од некој век кога луѓето јаделе бобинки по шумите, а ние само си замислуваме дека сме во 21-ви век?

„Линеарен“ гратис од 1/50-инка леб, едно бебешко залче. На килограм месо, пак, 10-20 денари, а тоа се цели 2 до 9 грама божем смрзната маржа. Десет пати „линеарно“ надокнадена со претходно поскапување.

За другите вредности што не се купуваат – како се објаснува она снимање сам себе на избран претставник на народот („министер”) кајшто прска плуканки против јавни личности, против други држави, против дел од сопствениот народ, во име на сите нас? Неговиот „легитимитет“ што нѐ заглавува сите и на којшто инсистира, навистина, се реализира по сила на законот и би требало да е конгруентен со вредносниот идентитет на оние кои го избрале, но… Вака, на снимката личи како тој вредносен идентитет да е отаде историјата, кај канибалните племиња евентуално, ако се амбицираме да е формално човечки род. Не баш сите од неговите избирачи колективно имаат слични „изблици“ од вакви ботски вредносни критериуми во говорот, мислата и разумот, надежно – помалку од нив. Всушност, и самите негови избирачи се шокирани од еден поинаков идентитетско-безбедносен аспект, триесет години познат како „албанско прашање” и се стреми да биде уште попознат сега кога Албанија навистина нѐ престигна на патот кон ЕУ. И економскиот, и безбедносниот аспект го делиме сите целовремено, со тоа што вториов за еден ден стана горливо прашање, а во економскиот нѐ прпелкаат месец-два. На првата седница веднаш тргнаа во спојување институции, тогаш – инспекторатите со министерствата, а сега спој на АНБ со АР. Приказната на снимката, пак, е како од сапуница, турска серија за маскирање на намерите за концентрација на моќ во извршната власт: Големиот лош Бугарин нѐ зезнал (нас) користејќи ја Нашата Цезарка Венеријанка. Во заднината, претпријатието на раскажувачот си ја доделило улогата на Брут, планирајќи и нож за кратење на претседателските ингеренции врз државните безбедносни структури. Ако претседателката долетала на планетава, време е да си го употреби интелектот. Не тој! Другиот.

Како се објаснува она снимање сам себе на избран претставник на народот („министер”) кајшто прска плуканки против јавни личности, против други држави, против дел од сопствениот народ, во име на сите нас?

Колајдерот нешто има направено. Не би требало да постои избирач, а и неизбирач, којшто го валоризира тоа правење мајмун за 1 денар, за трицифрени патлиџани на лето, за играње со безбедноста и институцијата преседател, за шмукање наши пари со експлозија од нови министерства и фемили функции, за „кичмата“ … Ама, веројатно, си постојат такви „линеарни” избирачи, линеарно отсекогаш, на кои не им пречи што секој ваков мистер Легитимитет, на волшебен (а законски!) начин „заслужил“ месечно толку 1-денарки, што би можеле да се наредат густо една до друга по кејот од Александар Палас вдолж Градски парк, до зградата на Владата – повеќе од два и пол километри. Еден мал чекор за човекот – триесетина 1-денарки… При чиста несвест дека за функција не е доволно само да не се спие на „пачки“.

Секако, не е тој сосем сам виновен за недоразбирањата. Самиот назив на претпријатието – „револуционерна организација”, имајќи ги предвид денешниве први и втори во неа, звучи само нијанса посериозно од „Каубојци и Индијанци“ и истовремено е плагијат на нешто што се родило, било сериозно, се трансформирало и исчезнало во историјата. Односно, мртвост ставена во назив што е дополнително и плагијат, автоматски му одзема вредност на колективот што се крсти во тој назив. Исто така, оксиморонот „демократска“ со „национално единство“ е апсурд кој води во корозија на сопствената смисла, а комбиниран со своето немериторно ширење води и до поништување на вредносното единство во општеството. И тоа токму она единство, кое веќе било претходно генерирано од колективниот вредносен идентитет. Си одговорил ли некој зошто не се обединил македонскиот народ под „светите букви“? Одговорот „предавници“ е неодговор, автоматски имплицира несвест за тој можен идентитет, т.е. е празен изговор. Бидејќи, ако вредносниот идентитет на оваа „светост“ вреди нешто, тогаш зошто некој би се прешалтувал надвор од тој идентитет? Одговорот на секого му е пред очи, но се мижи со широко затворени очи, дека пет пари не вреди наводната „светост“ денес. А реалноста се замава по сечиј џеб и сечија безбедност, за да прогледаат „филозофите“ од-денес-за-утре и „мудреците“ сите-се-исти.

Колумната во целост на Рацин.мк

Фотографијата за илустрација на колумната е на Петар Стојановски

Најчитани вести