Функцијата за проверка на факти на социјалната мрежа Икс, Community Notes (Забелешки од заедницата), не е функционална во борбата со лажните тврдења за изборите во САД.
Ова го заклучи извештајот на Центарот за борба против дигитална омраза од Вашингтон објавен синоќа. Социјалната мрежа Икс е во сопственост на милијардерот Илон Маск, кој ја подржува кампањата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.
Од 283 објави со дезинформации, објавени на Икс и анализирани од центарот, 209 објави (74 отсто) не биле проследени со забелешки за сите корисници кои би ги коригирале лажните и дезинформирачки тврдења за изборите, се наведува во извештајот.
Функцијата Community Notes започна да работи од лани. Таа им овозможува на корисниците на Икс да означат лажна или дезинформирачка содржина, што е всушност платформа за проверка на факти преку краудсорсинг.
Претходно годинава Икс го загуби во случајот поднесен од центарот, во кој компанијата беше обвинета дека дозволила пораст на говор на омраза на социјалната мрежа.
Во август, секретарите на пет држави го повикаа милијардерот Маск да ја подобри работата на чатботот на Икс, кој користи технологии за вештачка интелигенција. Според нив, чатботот ширел неточни информации поврзани со изборите на 5 ноември.
Самиот Маск, кој ја изрази својата подршка за Трамп уште во јули, исто така беше обвинет за ширење дезинформации. Анкетите покажуваат дека Трамп е во речиси изедначена трка со кандидатот од Демократската партија, потпретседателката Камала Харис.
МИА


