САД наскоро ќе објават нова воена помош за Киев, изјави денеска министерот за одбрана Лојд Остин, откако предупреди дека илјадници севернокорејски војници се распоредени во руската област Курск во близина на Украина.
„САД ќе објават дополнителна безбедносна помош за Украина во наредните денови“, рече Остин на заедничката прес-конференција со највисоките американски и јужнокорејски одбранбени и дипломатски претставници.
Претходно, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека околу 8.000 севернокорејски војници се пристигнати до рускиот пограничен регион Курск и се подготвени да влезат во борба против украинските сили во наредните денови.
Блинкен рече дека од 10.000 севернокорејски војници за кои САД веруваат дека влегле во Русија, до 8.000 „се распоредени во регионот Курск“ што граничи со Украина.
„Се уште не сме виделе распоредување на тие војници во борба против украинските сили, но би очекувале тоа да се случи во наредните денови“, рече Блинкен на прес-конференција по разговорите меѓу САД и Јужна Кореја.
МИА


