Angel Angelovski photo
Фотографијата, како уметност, секогаш носи личен печат на авторот. Тоа е медиум преку кој фотографот Владимир Арсовски, кој со гордост го носи звањето мајстор на фотографија, го изразува својот поглед кон светот, своите инспирации и емоции. Тој со децении ги лови убавите и ретки моменти во Македонија, но и насекаде во светот, а Скандинавијата му е непресушна инспирација. Тој е еден од четирите мајстори на фотографиј кај нас со искуство од 45 години, со бројни награди а особено драга му е поканата на ФИА да организира своја изложба во Словенија каде се претставил со колекцијата од чамци.Тајмлапс Шишевски манастир
Трн: Од неодамна почна да снимаш и видеа, ти требаше нов предизвик или друго е во прашање?
Владимир: Во принцип, да. Сега новите апарати веќе пружаат можност за високо квалитетни видеа. Видеото како медиум е надградба на фотографијата. Основата на камерманот е фотографијата – кадарот, осветлувањето, позицијата на светлата. Само што тука мозокот треба да се помести од фиксна фотографија кон движечка фотографија.
Трн: Има разлика, поголема тежина има видеото?
Владимир: Многу е потешко, многу е покомплицирано и бара голема екипа. Сега ќе пробам да снимам некои видео секвенции сам во лендскејп амбиент. По своја волја ќе биде секако, меѓутоа без екипа. Ова со спотовите што се снимаа беше со светла, сценографија, статисти. Ова е сосема нешто друго – сам треба се да правам, и кадарот, и снимањето.
На што си најмногу горд од сите години работа?
Владимир: Во принцип, на сè. Сега, откако сум две години пензионер, имам повеќе време и почнав да ги вадам старите материјали. Гледам што сум снимал пред 15 години и сам од себе сум воодушевен. Имам четири комплет изложби кои што никогаш не се појавиле.

Трн: Како стар скопјанец, што најмногу те инспирира во Скопје?
Владимир: Скопје денес не ме инспирира воопшто. Воопшто не го фотографирам, особено после 2014 година. Причината лежи во тоа што градот го изгуби својот автентичен дух и енергија. Порано, Скопје беше полно со живот, со своја приказна. Луѓето, улиците, објектите – сето тоа имаше душа. Но, со проектот ‘Скопје 2014,’ сето тоа се промени. Градот е претрупан со објекти што немаат историска или културна вредност за нас. Тие го задушија она што го правеше Скопје уникатно и вистински мое.
Фотографијата бара да се чувствуваш поврзан со тоа што го сликаш. За жал, јас веќе не ја чувствувам таа врска со Скопје. Не значи дека нема интересни сцени или моменти што би можеле да се фотографираат, но за мене, вистинската инспирација е исчезната. Затоа, повеќе се фокусирам на природата и на теми кои навистина ме поттикнуваат да ја земам камерата в раце.
Трн: Дали постои некој кадар, нешто што цел живот си го замислувал, а не си успеал да го снимиш?
Владимир: Да. Имам една замислена сцена – алпинисти како се качуваат на смрзнати водопади со поларна светлина. Тоа е врв, но веројатно никогаш нема да го снимам бидејќи е екстремно тешко.
Повеќе на линкот: ТРН.МК


