Во Ватикан никогаш досега не е забележано кардиналите да учествуваат во процесот на „предконклавирање“, бидејќи Франциск најави дека очекува „здрава конклава“ на која ќе биде избран неговиот наследник. Практично, тоа значи дека деновиве кардиналите отворено разговараат за „папа после папа“, за да се договорат за новиот поглавар, додека е жив сегашниот. Секогаш беше така, но Франциск на некој начин го легализираше тој процес и ја симна од него мистеријата и избегнувањето на заговори.
Папата Франциск со тоа отвори „предконклава“ и ги легализираше состаноците на кардиналите зад затворени врати, кои интензивно се одржуваат во Ватикан, додека од болницата се провлекуваат информации. Папата Франциск, кој има 88 години, долго време е во лоша здравствена состојба, склон на респираторни инфекции, особено во зимските месеци, а лекарите од болницата во која се лекувале и поранешните папи потврдуваат дека и сега се работи за инфекција на респираторниот тракт и лоша крвна слика и дека врз основа на тестовите требало да се измени третманот. Познато е и дека папата во последните месеци двапати паднал и ги повредил брадата и раката и дека има се поголеми проблеми во извршувањето на редовните активности, како и дека поради неговата „сложена клиничка слика“ би можел да остане подолго во болница.
Папата му го продолжи мандатот на кардиналот Џовани Батиста Рео, кој има 91 година и е декан на „колеџот на кардинали“, исклучително важен за подготовката на идната конклава. Деканот игра важна улога. Франциск има целосна доверба во кардиналот Рео и неговиот заменик, продеканот, аргентинскиот кардинал Леонардо Сандри. Тоа докажува дека Франциск, цел живот реален, се подготвува „за заминување“ и времето после него, со посебна желба наследникот да продолжи во насоката која тој ја трасираше.
Во детали се донесуваат биографиите на кандидатите, а на големо се калкулира дали самиот Фрациск издвоил некого како свој фаворит, иако тоа не е обичај. Повторно се отвора можноста Франциск да одлучи да се пензионира, особено што неодамна јавно призна и дека тешко чита. Не му било мило да оди во болница, а сега неговите соработници ја смируваат јавноста додека трае новинарската опсада на римската болница, пишува Новости.рс.
Многуте комплицирани задачи презеде државниот секретар Пјетро Паролин, кој се обидува да ги усогласи ставовите на 138 кардинали.


