Гаши: Клучно е да имаме јасен и силен етички кодекс кој ќе обезбеди висока култура на дебатирање

Кодексот за етичко однесување на пратениците треба да биде етичка сила што ги води и насочува сите други институции, оти ние сме тие што ги претставуваме граѓаните. Нашата заложба ги одразува нивните интереси, а нашето однесување е примерот што ги претставува нив. Донесувањето на етичкиот кодекс е и моја лична заложба со цел подигнување на политичка култура и севкупно подобрување на меѓу – институционалната соработка.

Ова го истакна претседателот на Собранието Африм Гаши во своето обраќање со кое ја отвори Работилницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која се одржува во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР и НДИ а со која беше означен почетокот на процесот за донесување нов етички кодекс за пратениците. Тој се осврна на досегашната пракса на однесување во Собранието, која рече за жал не доликува на еден храм на демократијата.

– За жал, ова Собрание кое требаше да биде храм на демократијата од минатото до денес често дејствувало и се уште дејствува спротивно на овој идеал. Она што оваа институција го има видено, слушнато и доживеано не беа само судир на мислења аргументи или обична дебата. Наместо тоа стана срамна сцена на насилство, навреди, закани и различни облици на вознемирувања, понекогаш шовинистички, понекогаш расистички, а понекогаш и сексистички. Замената на етиката и достоинството со омраза и агресија не му послужи на Собранието, а уште помалку на граѓаните. Овие судири не само што ја поткопаа довербата во институцијата туку создадоа и силно поларизирана средина, рече претседателот на Собранието.

Тој подвлече дека дури и денешното ниво не остава многу простор за задоволство, бидејќи, вели како претседател на Собранието често се соочува со низок квалитет на дебата, навреди меѓу колегите пратеници и разни прекршувања на правилата за пристојно однесување.

-Затоа од првиот ден на мојот мандат постојано повикувам  на почитување на етичкиот кодекс и на изразување на нашите политички ставови на достоинствен начин, заштитувајќи го интегритетот на Собранието и на граѓаните што ги претставуваме. Ние немаме имунитет за да ја уништиме конструктивноста, соживотот и демократијата, туку за да ги развиеме истите. Секое наше дело и збор има последици врз угледот и довербата на оваа институција. Затоа клучно е да имаме јасен и силен етички кодекс кој ќе ги насочува нашите постапки и ќе обезбеди висока култура на дебатирање, вели Гаши.

Според него, ако сакаме да изградиме праведно и еднакво општество треба да почнеме токму од ова Собрание и ние да бидеме пример за вредностите кои сакаме да ги промовираме, а тоа е дијалог, а не поделби. Целта кон која треба да се стремине е професионално Собрание, достоинствени пратеници и ефикасни решенија, порача Гаши и упати повик до политичарите и пратениците да го почитуваат етичкиот кодекс и да се однесуваат достоинствено со заемна почит и да работат на унапредување на политичката култура.

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести