Партиите предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да застанат заеднички зад независен кандидат за градоначалник на локалните избори во Кочани – ова ќе биде еден од главните предлози на лидерот на СДСМ Венко Филипче на лидерската средба која планира да ја иницира следната недела и да ги покани лидерите на партиите секој поединечно.
Првиот социјалдемократ за ТВ 24 вели дека по трагедијата во Кочани, граѓаните бараат натпартиска соработка.
– По трагедијата во Кочани, граѓаните бараат натпартиска соработка. Тргнувајќи од барањата на граѓаните ќе иницирам лидерска средба, на која ќе предложам сите партии да застанеме зад заеднички независен кандидат за градоначалник во Кочани на локалните избори во октомври, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ вели дека на агендата за сосатнокот кој ќе го иницира планира да предложи и стратегија околу членството на Македонија во ЕУ, реформската агенда со акцент на правосудството, но и реформи во здравството и изградба на нов клинички центар за кој, како што вели се покажала потреба, образованието и администрацијата. Идејата за состанок која ја заговара првиот социјалдемократ на Илинденска ја пречекаа воздржано, велат дека кога ќе одговорат кога ќе стигне иницијативата.
– Не е пристигнато официјално барање до Владата, ниту пак има иницијатива од СДСМ. Забележани се само најави од медиуми. Вакви сериозни ситуации налагаат сериозен пристап. Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне, велат од Владата.
За разлика од Мицкоски неговите каолициски партнери – жестоко против.
– После најавите од СДСМ дека ќе бараат Анкетна комисија за Кочани, кое очигледно е во координација со нивните пулени ДУИ, кои наивно веруваат дека можат да се претстават како лажни жртви на политички прогон, господинот Венко Филипче потврди дека има намера да ја политизира колективната трагедија и со тоа нема кредибилитет да повикува на лидерска средба, велат од „Вреди“.
Од ДУИ учеството на евентуалната лидерска го условуваат со комисијата која бараат да се формира со меѓународен мониторинг.
– Прво треба да се формира парламентарната комисија со меѓународен надзор , а дури пото ќе размислуваме за лидерска средба. Оттука ги повикуваме сите пратеници кои не сакаат една од најголемите трагедии во државата да заврши со најголема правна фарса на селективна правда и заробена држава да се потпишат денеска на иницијативата на Европскиот фронт за формирање комисија. – ДУИ.
За Левица пак местото за дебата е во Собранието. Дали ќе одат на средбата на Филичпе ќе одлучат кога ќе добијат покана
– Наместо политичарите да се среќаваат на средби, треба Собранието да работи транспарентно и одговорно кога тоа е најмногу потребно – за да се отворат прашањата за трагедијата во Кочани преку легитимни и ефективни демократски методи, и да се создаде политички амбиент за отворање на прашањата поврзани и со претходните немили настани за кои граѓаните бараат одговорност – како модуларната во Тетово, Дурмо турс и тн. – Левица.
Официјалната покана ќе ја почекаат и од ЗНАМ. Иницијативата на лидерот на СДСМ Венко Филипче лидерска средба не е прва, тој повика на лидерско седнување на маса и по инцидентите за време на одбележувањето на денот на албанското знаме, но тогаш премиерот го одби со образложение дека нема потреба од лидерска средба.


