Ѓорчевски: Во моментот кога го одземале животот на Вања, го одземале и мојот живот

Александар Ѓорчевски, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје рече дека нема апсолутно никаква инволвираност и дека ниту ги познава, ниту може да ги гледа обвинетите во случајот за убиствата на неговата ќерка Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

Одговарајќи на прашања од неговиот бранител, адвокат Владимир Туфегџиќ, Ѓорчевски денеска исцрпно и детално го опиша својот живот, односот со неговото семејство, моментите кога исчезнала Вања и односот со полицијата во текот на истрагата.

На почетокотот, прашан „дали денеска се чувствува подготвен и согласен да даде исказ пред судот“, Ѓорчевски рече дека „чувствува обврска, пред сѐ заради Вања“. 

-Психички не сум сигурен колку сум подготвен, но чувствувам обврска и сакам да дадам исказ. На почетокот на судењето кажав дека ќе дадам од неколку главни причини, пред сѐ заради Вања, поради тоа што во текот на истрагата и тука во судницата, беа изнесени ноторни невистини во врска со нејзе ѝ сакам да ѝ порачам дека тато е истиот тој човек кој што последен пат го виде викендот пред 4 декември и оттогаш навака претставуван сум во екстремно спротивно светло од она што сум. Решив да ги поттиснам емоциите за да можам да го дадам овој исказ, да соберам сила, храброст и поради сите оние кои што ме познаваат и страдаат заедно со мене, но и поради сите оние кои што не ме познаваат, да ја кажам мојата страна на вистината, мојата приказна, дека немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе од чии искази во текот на постапката приметивме дека не чувствуваат ниту вина, ниту покајание. Забележав дека демонстрираат гнев и разочарување од т.н. „Цар“, изјави Ѓорчевски.

Ѓорчевски, рече дека „за себе смета дека дал голем придонес во истрагата“ и дека „ако не беа фатени, ако не беа сопрени, не забележав дека кај нив има вина и покајание и дека ќе престанеле со планираните дејствија“.

-Одново и одново, со секое рочиште слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне и да ја врзува, ја трескале по гепеци, ја ставале во вреќи, психички ѝ вршеле тортури, се обидувале да ги замачкаат доказите како и за првото убиство на велешанецот Панче и да успееле во тоа Господ знае уште колку убиства и киднапирања ќе спровеле, рече тој.

Дополни дека за себе смета дека дал голем придонес во истрагата во која како соучесници биле контактите на Гоце Трајковски од полиција и од Сејф Сити. 

Тој сподели дека првпат слушнал за Љупчо Палевски во врска со реакциите поврзани со објектот Тифани, кога комшиите го опишувале како голем бизнисмен. Подоцна дознал дека Палевски живее во луксузен дом во околината на Песталоци. 

-Исто така, Зорица со родителите во периодот кога почнавме да се забавуваме живееше во зграда која што е позната како Зградата на УПА карши фонтана, не знам во кое својство придонел за зградата затоа што сите знаевме дека е изградена од комшија, од Страшо, директор на Гранит или на Бетон, не се сеќавам, дури и го имав помешано со еден од нивните комшии, човек со многу понизок раст од него, Тоше со фирма Линк, појасни тој.

Тој сподели дека имал добар однос со своите деца, кој го опиша како „љубов на прв поглед. Сподели дека секогаш знаеле каде се и комуницирале отворено со родителите за промени во плановите за нивните локации. За Вања и Миња рече дека биле интровертни и добро воспитани.

Денот на исчезнувањето на неговата ќерка, 27 ноември 2023 година, Ѓорчевски го опиша како „лудило“.

Раскажа дека во главата му се вртеле повеќе сценарија помеѓу кои дека Вања ја удрило кола и е во болница.

-Полицајците во цивил ми рекоа дека сѐ што можело да се пребара во околината е пребарано, мене ми се вртеа во глава безброј сценарија, едно од нив беше дека ја има удрено кола и дека некој совесен возач ја ставил во кола и ја однел во болница. Имам братучед кој работи во болницата „8 септември“, му вртев но не ми одговори. За кратко време ми се јави ми кажа дека бил на визита, јас му објаснив што се случило и ми рече веднаш да дојдам кај него. Кога пристигнав пред болницата тој веќе беше симнат долу инсистираше да влезам да ми даде нешто за смирување. Ми кажа каде да се паркирам, влеговме, се движевме по едни ходници до една мала просторија со телефон кој братучед ми го употреби локално од болницата по ургентните центри проверуваше дали утрината е хоспитализирано повредено девојче. Исто така, се јавивме во клиниката на Водно кај заеднички другар и од таму ми дадоа негативен одговор. Ја немаше никаде по болниците. Не ме држеше место, не можев да седам во место, морав нешто да правам. Братучед ми инсистираше да останам таму, меѓутоа не го послушав и излегов и влегов во кола. Наредно сценарио беше дека некој заостанати пијаници, наркомани или дилери во Дебар Маало ја повлекле во кола, се упатиле по Партизанска, ја повлекле од лудило, од каприц, и дека можеби ќе ја пуштат по пат. Исто така, едно од сценаријата што ми се моташе низ глава беше дека Вања е киднапирана и прво што ме фати страв е да не ја изнесат од државата, рече тој, дополнувајќи дека тргнал кон граничниот премин Блаце, а потоа и кон Сарај, по тоа сценарио.

На прашањето каков бил односот на полицијата кон него, Александар одговори дека полицијата покажала сомнеж и анимозитет кон него, дополнувајќи дека истрагата тапкала во место од самиот почеток. 

МИА

Најчитани вести