Адвокатот на Боре Видевски: Треба или реконструкција или враќање на предметот за Вања и Панче во истрага

Тој наведе три причина поради кои смета дека тоа треба да биде направено – според него, сè почесто се споменуваат лица кои не се обвинети, а се споменуваат во исказите на обвинетите, постоењето снимки кои Обвинителството не ги покажало во судница и отсуството на вештачење на зрната од жртвите за да се утврди дали биле убиени со легално или нелегално оружје

Адвокатот Бојан Манев, бранител на Боре Видевски еден од петтемина обвинети за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски смета дека предметот треба да се врати или во фаза на истрага или да се направи реконструкција на случајот за да се расчистат и разјаснат многу отворени прашање.

Манев ова го кажа во изјава за медиумите, по денешното рочиште, кое беше одложено поради отсуство на бранителот на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, адвокатот Јовица Страшевски.

Според адвокатот на Видевски, за да се добие правилна и вистинита пресуда и да се утврдат фактите мора да се направи една од тие две работи. Во спротивно, вели тој, каква и да биде пресудата таа ќе подлежи на жалби, пренесе МИА.

Адвокатот вели дека судскиот процес се наоѓа во фаза кога секој од обвинетите ја кажува својата верзија на приказната.

Денешното рочиште од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се одложи поради отсуство на адвокатот на првообвинетиот Љупчо Палевски.

Како што соопшти судијата Ивица Стефановски кој го води предметот, адвокатот утрово пред почетокот на рочиштето доставил медицинска документација и побарал одложување на главната расправа.

Страшевски доставил медицински упат со датум од завчера, 14 април и лекарски извештај од 15 април, дополнително наведувајќи ги датумите кога не може да дојде на судење.

Судијата Стефановски рече дека досега немало одложувања во динамиката на судењето и има разбирање за денешната отстапка, но оти нема да дозволи тоа да се повтори.

Судењето треба да продолжи со исказот на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо. Тој на претходното рочиште, што се одржа пред два дена, одговараше на директни прашања на неговиот адвокат во врска со тоа што правел на 22 ноември, кога е убиен Панче Жежовски, како и за престојот во Србија и Турција.

Палевски негираше вмешаност во грозоморните убиства и кажа дека ако сакал да оствари некакво користољубие тоа ќе го сторел со уцена на, како што кажа, милијардери со „ферари“, но не го сторил тоа.

На следното рочиште Страшевски треба да продолжи со директно испрашување на неговиот клиент, кој треба да раскаже што правел на 27 ноември 2023 година, денот кога беше убиена Вања.

Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети.

Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на убиствата, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.

Според обвинението Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се товарат дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Грабнувањето Панче Жежовски во Велес, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

извор: 360stepeni.mk

Најчитани вести