ИЈЗ: Овчите сипаници најчесто акутно заболување во март

Со вкупно 309 пријавени лица, во текот на месец март, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во однос на претходниот месец февруари, се регистрира намалување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 15,6 отсто, додека во однос на месец март 2024, се регистрира намалување за 62,5 проценти.

„Во текот на март 2025 година, пријавени сe вкупно 608 заболени лица од акутни заразни заболувања – без ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ, со вкупна инциденца од 33,1 на 100 000 жители. Во текот на месец март се бележи намалување на вкупниот број на заболени лица за 18,5 отсто во однос на претходниот месец февруари 2025 година. Во однос на март 2024, се бележи намалување за 57,5 проценти, како и во однос на аритметичката средина за периодот 2015–2024, за 44,2 отсто“, се наведува во најновиот извештај на ИЈЗ.

Во однос на поделбата на акутните заразни заболувања по групи во март, најголем број припаѓаат на капкови заболувања. Од нив, најголем број и инциденца се пријавите за овчи сипаници. Во оваа група се пријавени, 19 случаи на инфективна мононуклеоза, осум случаи на скарлатина, три случаи на пневмококни инфекциии, по еден случај на голема кашлица, легионерска болест и менингококна болест.

Во месец март, пријавени се 195 случаи на заболени од групата на цревни заболувања. Од нив, најголем број и инциденца се пријавите на ентероколити. Пријавени се 10 случаи на салмонелози, осум случаи на бактериски алиментарни инфекции и интоксикации и еден случај на кампилобактериоза.

Во групата на останати акутни заразни заболувања, во март се регистрирани 58 случаи. Од нив, 54 се случаи на шуга, три случаи на бактериски менингит и еден вирусен менингоенцефалитис.

Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции – без ХИВ/СИДА, регистрирани се 11 заболени лица – пријавени се четири случаи на вирусен хепатитис Б, три случаи на сифилис, два случаја на инфекција со хламидија и по еден случај на хепатитис Ц и гонореја.

Во групата на зоонози, во месец март регистрирани се два случаја, по еден случај на бруцелоза и ехинококоза.

Во текот на месец март, пријавени се три случаи потврдени на ХИВ и еден случај на СИДА, сите од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 39 години. Регистриран е еден смртен случај од СИДА.

Во текот на март, биле евидентирани четири случаи на ковид-19. Два случаја биле од Скопје и по еден од Охрид и Тетово. 

извор: 360stepeni.mk

Најчитани вести