Во исчекување на официјални информации за здравствената состојба на Владимир Блажев, познат како Панчо од ДНК, кој се здоби со сериозни повреди и беше во животна опасност откако ја преживеа несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, неговата пријателка Тамара Тодевска сподели позитивни вести.
Имено таа одговарајќи на прашањата на следбениците нејзиниот Инстаграм профил, откри дека состојбата на Панчо е подобрена и истакна дека се моли за негово побрзо враќање.
– Панчо е фала му на Бога подобар. Се молиме за него што поскоро да ни се врати – напиша пејачката.
Панчо е еден од повредените кои сè уште се на лекување откако го преживеа страшниот пожар кој ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, во кој животот го загубија 62 лица.
Меѓу настраданите се и членови на „ДНК“ – пејачот Андреј Ѓорѓиески, придружниот вокал Сара Пројковска, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, пијанистот Филип Стевановски, битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо, тонецот Игор Велков, како и официјалниот фотограф на групата Александар Ефремов.