Мицкоски најави дека ќе се сретне со родителите на загинатите и повредените од Кочани

До кога ќе продолжи ваквата селективна истрага, и понатаму прашуваат родителите на трагично загинатите во пожарот во Кочани. Од друга страна пак, премиерот Мицкоски уверува дека тој ниту се јавил, ниту комуницирал со некој обвинител, посочувајќи дека истрагата ја води Обвинителството.

Од Основниот суд во Кочани денеска за 24 брифираат за точната бројка за тоа колку од 44-торицата осомничени во моментов се во куќен, а колку во ефективен притвор. Тринаесет обвинители се посветени на завршување на истрагата, а рокот до 17 јуни е клучен за обвинителен акт. 

– Во моментов 14 лица кои се осомничени во истрагата за пожарот во Кочани се во ефективен (затворски) притвор. 17 лица се наоѓаат во куќен притвор, а за 13 осомничени се издадени мерки на претпазливост. – Основниот суд Кочани.

Но, од Обвинителството и понатаму молк кога станува збор истрагата за огромната трагедија во Кочани. А ќе стигне ли истрагата и до полицајците кои кобната вечер биле во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но и до дел од нивните претпоставени?

Неофицијално, извори од истрагата за 24 брифираат дека се истражуваат нивните активности и мапата по која се движеле таа вечер и доколку се соберат докази кои укажуваат на било каква инволвираност, ќе има кривична пријава. Официјално пак, на прашањето дали би имало проширување на истрагата, одговор и понатаму нема, од Обвинителството само кусо велат дека се превземаат дејствија. 

– Во тек се распити, а пристигнуваат и прелиминарните извештаи од вештачењата . Се преземаат дејствија кои во оваа фаза на истрагата се доверливи. Засега нема информации околу проширување на истрагата. – ОЈО.

Премиерот Мицкоски пак, и покрај тоа што уверува дека нема да се меша во истрагата, сепак денес од Штип нагласи дека на дневна основа се решавале проблемите поврзани со случувањата во Кочани и најави дека лично ќе се сретне и ќе разговара со семејствата на трагично починатите и на повредените.

извор: 24.mk

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести