Додека овчарството во Македонија бележи пад, ЗК Пелагонија планира да го зголеми капацитетот на овчарската фарма во Кременица. Во фармата во која има моментално 920 овци од високомлечната раса Асаф, за две – три години планираат да набават нови грла и да стигнат до бројка од 3000 овци сместени во нови модерни капацитети.

Да се слушне за инвестиции во овчарството е навистина за секоја пофалба, уште кога ќе видите како се одгледуваат, кој се грижи за нив и на каков високо професионален начин и стручност од страна на менаџерот на сточарство, Челеби Абдиу, докажан познавач на секторот, сликата за фармата ќе биде комплетна.

Одлуката на ЗК Пелагонија да ги ангажира најдобрите во одредени области и да инвестира сопствени средства, зборува за визија и желба да се помогне во сточарското производство кое на ниво на држава е во надолна линија, особено тоа е случај со овчарството.
Сепак фармата на ЗК Пелагонија во село Кременица со својот капацитет не можеме да ја гледаме засебно, а да не се повикаме на државата од која се очекува сериозна поддршка и помош за натамошниот развој. Ако сакаме стабилизирање на секторот и зголемување на домашното производство на млеко тогаш државата, напоредно со поддршката на помалите сточари, мора да смета на ваквите сериозни капацитети. Тоа е добитната комбинација за сите, најмногу за граѓаните, затоа што домашното е секогаш најсигурно и најбезбедно.
Извор – Агротим


