Обвинувањата за наводни злоупотреби при организацијата на Министерскиот совет на ОБСЕ што се одржа во Скопје минатата година се веќе институционално затворени, потврдија уште лани Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според официјалниот заклучок на двете институции, постапката за избор на компанија за реконструкција и адаптација на салата „Борис Трајковски“ е спроведена во согласност со законите, со почитување на највисоки стандарди за фер оценување и без елементи на корупција.

Институционалната проверка беше спроведена по иницијатива на тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој поради серија јавни обвинувања побара комплетна ревизија и истрага за целата постапка.
„Процесот беше во согласност со нашите закони, испочитувани се највисоките стандарди за фер оценување и без корупција“, се наведува во заедничкиот заклучок на ДКСК и Обвинителството, кој се однесува на подготовките за самитот што се смета за еден од најважните дипломатски настани во поновата историја на државата.

Коалицијата ВЛЕН во очи на локланите избори повторно ја отвара темата и во неколку наврати го обвини Османи за злоупотреба на јавни средства, повикувајќи се на ревизорски извештај. Но институционалните органи што имаат надлежност за утврдување на евентуални неправилности веќе донеле конечен став, постапката е спроведена законски и без коруптивни елементи. Оттаму нејасно е зошто повторно се бара од обвинителството да постапува по предмет по кој веќе постапило.
Со ова, предметот е правно и институционално затворен, а во отсуство на нови докази, понатамошни политички инсинуации, како што оценуваат експертите, немаат основа во фактичката состојба.


