Герасимовски најави бесплатен оброк на учениците од прво до четврто одделение од следната година

Општина Центар од следната учебна година воведува бесплатен, здрав и квалитетен оброк за сите ученици од прво до четврто одделение. Со овој нов проект што веќе е ставен во новата програма за работа, 2.500 ученици ќе добиваат бесплатен оброк кој ќе го обезбедува Општината, со цел да се поттикне правилна исхрана и здрав развој кај најмладите. Градоначалникот Горан Герасимовски, денеска ја најави оваа мерка за време на посетата на ООУ „Киро Глигоров“ на првиот училишен ден.

„Сакам да Ве информирам дека од следната учебна година, воведуваме бесплатен оброк за сите ученици од прво до четврто одделение. Здрав, правилен и обилен оброк за сите 2500 ученици од прво до четврто одделение, кој ќе го обезбедува Општината“, рече Герасимовски.

Покрај бесплатниот оброк, тој исто така, најави и дека за сите ученици од петто до деветто оделение се воведува бесплатна екскурзија, преку која учениците ќе ги видат во неколку дена сите природни, историски и културни убавини и вредности на  Македонија.

Герасимовски, потенцираше дека во Центар се овозможуваат најдобрите услови за образование и во сите училишта има највисоки стандарди за образовен процес, за хигиена, за исхрана, за безбедност.

За потсетување, Општина Центар е првата локална самоуправа којашто донесе мерка за забрана за употреба на мобилни телефони.

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести