Атанасоски: ВМРО-ДПМНЕ го признава поразот преку прокси кандидатот Лабудовиќ во Центар

Кандидатурата во Општина Центар од страна на прокси кандидат на ВМРО-ДПМНЕ преку кандидатот од редовите на ЗНАМ е доказ дека оваа општина е пуштена низ вода и дека главната владејачка партија се има помирено со фаворитската улога и извесната повторна победа на Горан Герасимовски. Штом ВМРО-ДПМНЕ не кандидирала свој кандидат за Центар, веројатно и не верувале дека туку така ќе победат, како низ цела Македонија, како што веруваат. Ова го потенцира политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во неговата последна колумна за медиумот „Локално“. 

Атанасоски истакнува дека маргинализацијата на ЗНАМ ќе дојде веднаш по завршување на локалните избори, каде што на советничките листи ќе доживее дебакл и ќе освои многу помалку гласови од минатогодишните парламентарни избори.

„ЗНАМ од “респектабилен” партнер во власта во ВМРО-ДПМНЕ ќе заврши како маргинален и небитен коалициски партнер, кој најверојатно ќе исчезне, можеби не целосно, но ќе се стопи до непрепознатливост како што ќе одминуваат годините и изборите во иднина. Нешто слично како партијата НСДП на Тито Петковски, која започна по буквално ист рецепт како ЗНАМ, со шест пратеници и власт со ВМРО-ДПМНЕ и двајца министри во кабинетот на Груевски, за да заврши како најнебитен фактор на политичката сцена со претседател кој обичниот народ и граѓани, воопшто и не го знае како се вика“, пишува Атанасоски.

Актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, Билјана Ивановска и Мирослав Лабудовиќ се тројцата кандидати што ќе трчаат за градоначалник за Општина Центар. Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

Најчитани вести