Полска ги затвори аеродромите во Лублин и Жешов и ги подигна своите и сојузничките борбени авиони вечерва, поради интензивниот напад на Русија врз Украина со ракети и беспилотни летала, соопшти Оперативната команда на Армијата. Аеродромите во Лублин на истокот од земјата и во Жешов на југоисток, преку кои речиси целата западна помош оди во Украина и е важен логистички центар за НАТО, беа затворени.
„Дежурните парови борбени авиони полетаа, а системот за противвоздушна одбрана и радарските системи беа ставени во највисока готовност. Овие мерки се превентивни. Силите и системите се подготвени за итна реакција“, објави синоќа Оперативната команда.
Меѓу Полјаците, по упадот на дваесет руски беспилотни летала длабоко во воздушниот простор во ноќта на 10 септември и последователните инциденти кога руските воени авиони го нападнаа воздушниот простор на некои членки на НАТО, се зајакна верувањето дека војската треба да реагира и да ги собори руските авиони.
Дури 67 проценти од Полјаците во анкета за информативниот портал Onet.pl бараат руските воени авиони да бидат соборени кога ќе ја нарушат полската територија, додека само 8,7 проценти сметаат дека не треба да се преземат никакви мерки.
Во друга анкета, исто така објавена овој викенд, дури 74 проценти од анкетираните рекле дека американскиот претседател Доналд Трамп требало порешително да реагира на упадот на околу дваесет руски беспилотни летала во Полска кон средината на септември.
Јавноста вчера дополнително беше шокирана од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека 92 руски беспилотни летала летале кон Полска таа ноќ, но дека тие собориле поголем дел на сопствената територија.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека некои беспилотни летала влегле во Полска од територијата на Белорусија.
Премиерот Доналд Туск и министерот за надворешни работи Радослав Шикорски објавија дека Полска ќе собори руски авиони и беспилотни летала што ќе влезат на нејзина територија.
Туск, сепак, нагласи дека одлуката за соборување на авионот ќе биде донесена само ако сојузниците на НАТО ја оценат како закана, а не како грешка или кратка руска провокација.


