Забрчанец: Договорот од Преспа беше темелно објаснуван, францускиот предлог создаде шок и недоверба

Комуникацискиот консултант Марјан Забрчанец во емисијата „Стадион“ на Канал 77 посочи дека постои „огромна разлика, на ниво небо–земја“ во начинот на кој биле комуницирани со јавноста Договорот од Преспа и францускиот предлог. Тој потсети дека процесот со Грција бил воден отворено и во континуитет, додека францускиот предлог бил претставен без доволно време и објаснување и затоа предизвикал шок кај јавноста.

Забрчанец нагласи дека средбата Заев–Ципрас во Давос се случила во втората половина на јануари 2018 година, потпишувањето на Договорот од Преспа било на 17 јуни 2018, референдумот на 30 септември 2018, а уставните измени во јануари–февруари 2019, што значи дека поминале околу 12 месеци меѓу почетокот и финализирањето на процесот. „Имало детерминираност, посветеност и одлучност да се влезе во тој процес и да се биде отворен и транспарентен. Сме го раскажувале договорот член по член, цела Влада одела во јавност да ги зборува придобивките од тој договор – не само премиерот, не само МНР“, рече тој.

Говорејќи за францускиот предлог, Забрчанец оцени дека јавноста не добила ни приближно такво ниво на објаснување, ниту времетраење на процесот, ниту политичка аргументација која ќе влезе „во сржта“ на содржината. Според него, отсуството на транспарентна и организирана комуникација создало впечаток дека предлогот е наметнат, а не избор во рамки на јасно објаснета стратегија за ЕУ интеграција, што ја засилило недовербата кај граѓаните.

Тој потсети и дека дел од отпорот кон Преспанскиот договор подоцна бил демонтиран со факти: грчки суд признал центар за учење на македонски јазик, а грчката јавност реагирала против обиди за цензура на музика на македонски јазик, што, како што рече, покажува дека договорот не го избришал, туку ја зајакнал видливоста на македонскиот јазик и идентитет. „Не велам дека договорот направил чуда, туку дека за прв пат Грција стави потпис на документ во кој терминолошки и идентитетски се верификува македонскиот јазик, а тоа повлече чекори кои ги охрабрија Македонците во светот послободно и проактивно да си го користат јазикот“, нагласи Забрчанец.

Најнови вести

Најново од Македонија