Трамп сепак полета за Давос: Се префрли во друг авион кој сè уште се вика „Ер Форс Уан“

Иако претседателот Доналд Трамп мораше да смени авион за да го продолжи патувањето во Швајцарија, тој сè уште лета преку Атлантикот со „Ер Форс Уан“.

Причината е што „Ер Форс Уан“, или AF1 на страниците за следење на летови, е повикувачкиот знак за кој било авион во кој се наоѓа претседателот, а не името на самиот авион, пишува CNN.

Првичниот авион на Трамп за летот до Швајцарија беше Боинг VC-25, модифицирана воена верзија на иконскиот патнички авион 747 со четири мотори. Авионот беше принуден да се врати во заедничката база Ендрус откако имаше електричен проблем кратко по полетувањето.

Трамп сега лета до Светскиот економски форум во Боинг C-32A, двомоторна верзија на патничкиот авион 757 што го користат американските воздухопловни сили.

Според податоците на Информативниот лист на воздухопловните сили, C-32 првенствено се користи за транспорт на потпретседателот (кога го носи повикувачкиот знак Air Force 2), првата дама, членови на кабинетот на претседателот или членови на Конгресот.

Воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави имаат четири авиони C-32 во својата флота.
Флотата вклучува и два авиони VC-25. Новите VC-25 се во процес на опремување, но не се очекува да бидат готови уште неколку години.

Да се потсетиме дека претседателскиот авион, Air Force One, полета за Швајцарија, но по еден час се врати во Америка поради „мал електричен проблем“, објави CNN.

Проблемот бил откриен над Атлантикот и Боингот 747 се вратил во Мериленд, потврди Белата куќа. Трамп, кој вети „интересно патување“, се качил повторно во авионот неколку часа подоцна и, рано наутро по европско време, бил на пат кон Давос, пишува Мондо.рс.

Најчитани вести