Запечени макарони со сирење

Запечените макарони се едноставно и заситно јадење кое се подготвува брзо, а нуди богат и кремаст вкус. Совршени се како главен оброк или топол прилог, особено кога сакате нешто домашно.

 
Потребни состојки за макароните:

  • 400 грама макарони
  • 400 грама фета сирење или друго помасно и посолено сирење
  • 2 лажички прашок за печиво
  • 4 лажици масло
  • сол по вкус
  • околу 1–1,5 дл јогурт
  • 1 јајце


За прелив:

  • 200 грама кашкавал

 
Начин на подготовка:
 
Макароните сварете ги, треба да бидат меки, но не и распаднати. Исцедете ги од водата и префрлете ги во огноотпорен сад.

Сирењето испасирајте го со вилушка. Додадете го прашокот за печиво, јајцето и маслото. Потоа постепено додавајте јогурт (количината зависи од густината на сирењето, но 1–1,5 дл е доволно). Посолете по вкус. Смесата треба да биде со конзистенција слична на крем-сирење, но малку поретка.

Истурете ја врз макароните и добро измешајте за рамномерно да се распореди. Израмнете ја површината и ставете во загреана рерна на 200°C околу 15 минути.

Кога ќе забележите дека горниот слој почнува да се суши, извадете ги макароните и рамномерно распоредете го ренданиот кашкавал. Вратете ги во рерната и запечете по желба – кратко за растеглив кашкавал или подолго за златесто-румена кора. 

Готовото јадење извадете го од рерната и оставете кратко да се излади. Сечете на парчиња и послужете топло.

МИА

Најчитани вести