Шукова: Убиства, дрога, насилства, колку жртви уште треба за Панче Тошковски да поднесе оставка?

После толку жртви, убиства, насилства и целосен распад на безбедносниот систем отвора едно прашање: што уште треба да се случи за Панче Тошковски да понесе морална одговорност и да поднесе оставка?

Дека нема морал, дека нема систем – граѓаните веќе одамна знаат.

Но жртвите стануваат премногу. Премногу човечки животи згаснаа, премногу семејства се уништени, премногу трагедии се потврда дека МВР не функционира, ниту како превенција ниту како заштита.

Пред само неколку дена, 37-годишна жена беше убиена во Скопско, во случај кој повторно наликува на фемицид.

Семејното насилство е на секој чекор и сè почесто завршува трагично, иако претходно имало бројни пријави кои МВР ги игнорирало.

Млада жена и дете беа убиени и покрај 12 пријави за насилство. МВР било слепо и глуво.

Во Велес, насилник уби жена и нејзиниот татко. Во Старо Нагоричане, сериски убиец со години убивал жени додека институциите игнорирале предупредувања.

Во Кочани згаснаа 63 животи, а до денес нема вистинска одговорност.

Пет тони дрога поминаа преку граница без никаква контрола. Пет тони дрога – без одговорност.

Во последните две години, со ВМРО-ОКГ на власт и Панче Тошковски на чело на МВР, Македонија живее во страв, несигурност и насилство кое стана секојдневие – во училиштата, во домовите, на улиците.

Секој ден слушаме за нови жртви, нови трагедии, нови случаи во кои системот потфрлил.

Пред некоја недела јавноста беше потресена од случај на брутално врсничко насилство врз девојче во Скопје.

Институциите кои треба да штитат – не функционираат.

Грозоморни случаи на злоупотреба на малолетници се случија во Скопје, Гостивар и Неготино. Превенција нема.

Одговорност нема.

Ова е доказ за целосен распад на безбедносниот систем.

Системот е ставен во функција на заштита на власта, наместо на граѓаните.

Одговорноста е директна кај министерот Панче Тошковски.

Полицијата е партизирана со измените на Законот за МВР и претворена во инструмент за заштита на криминалната група ВМРО-ОКГ и за пресметка со опозицијата.

Државата е небезбедна, институциите се нефункционални, а граѓаните оставени сами на себе.

Панче Тошковски мора да ја преземе одговорноста.

Оставка веднаш!

Прес конференција на СДСМ, Каја Шукова, претседателка на Форум на жени

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести