Педесет и еден годишниот првенец на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков, неговиот 20 годишен син и уште две 20-годишни момчиња, загинаа во сообраќајната несреќа, која се случи синоќа на обиколница на Скопје, помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци.
МВР попладнево соопшти дека е потврден идентитетот и на четвртата жртва во катастрофалната несреќа и оти исто така станува збор за 20-годишно момче.
-Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Р.В. и сопатниците од неговото возило, А.В.(20), П.М.(20) и М.Ѓ.(20), сите од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција – се наведува во полицискиот билтен.
Несреќата се случила синоќа во 23 часот кога помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци. Б.Б.(76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(51) од Скопје.
Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.
По наредба на јавен обвинител возачот Б.Б. е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
За време на вршење на увидот, односно во периодот од 23:10 до 05:00 часот сообраќајот беше пренасочуван на патниот правец Тетово-Велес, кај клучка Приштина кон с.Визбегово, и Велес-Тетово кај клучка Мирковци. Во 05:00 часот сообраќајот е нормализиран.
Македонската опера и балет, Факултетот за музичка уметност во Скопје и естрадните колеги со голема тага се простуваат од првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков.

-Со неизмерна тага и неверување ја примивме веста за трагичната смрт на првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков, кој го загуби животот во сообраќајна несреќа. Македонската оперска сцена изгуби исклучителен уметник, врвен интерпретатор и човек, чиј глас, уметност и сценско присуство оставија длабока трага во Македонската опера и балет и во македонската музичка култура – објави Македонската опера и балет.
Оттаму велат дека неговата посветеност кон уметноста, впечатливите улоги и љубовта кон сцената ќе останат трајно запаметени.
-Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и сите што го познаваа и почитуваа. Слава му – се вели во објавата на МОБ.
Од неговиот матичен факултет упатија официјален последен поздрав, истакнувајќи го неговиот огромен придонес и харизма на сцената.
-Со шок, тага и неверица ја примивме веста за трагичната смрт на нашиот алумни и првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков (1975-2026), кој го загуби животот во страшна сообраќајна несреќа. Ристе Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и сите што го познаваат и почитуваат. Слава му – велат оттаму.
Ристе Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Роден е 1975 година во Скопје. Како реномиран солист – првенец на Македонската опера и балет, тој претежно настапува во белканто-продукции, со што го заслужува и епитетот „италијански баритон со кадифена боја“, наведуваат од НОБ.
Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во 1994 година, во класата на проф. Марија Николовска, насока соло пеење. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1999 година, во класата на м-р проф. Милка Ефтимова. Магистрира со највисока оцена cum laude во 2011 година на истиот факултет, во класата на м-р проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, насока соло пеење.
Во периодот 1995 – 2000 година ги гради основите на оперското пеење кај македонскиот тенор Гога Трајанов. Своето уметничко усовршување го продолжува кај драмскиот тенор Стојан Стојанов-Ганчев од Загреб, како и кај познатите италијански вокални педагози Антонио Бојер и Мирела Паруто и светски познатиот романски баритон Николај Херлеа. Од 2001 до 2017 година се специјализира и го надградува својот репертоар во приватното оперско студио на бугарскиот баритон Стојан Попов во Софија.
Во 1996 година, како студент, дебитира во драмската претстава „Амадеус“ на сцената на Драмскиот театар – Скопје. Во 1998 година дебитира на Мајските оперски вечери со улогата на Маруло во „Риголето“. Во 2009 година настапува на матичната сцена во Македонската опера и балет со насловната улога во „Набуко“. Во 2016 година настапува во продукција на „Токио опера“ во Јапонија, со улогата на Жорж Жермон во „Травијата“, во Performing Arts Center Ryutopia во Ниигата. Во 2017 година одржува солистички рецитал во Музеј-куќата на Борис Христов во Софија.
Велков гостува во Јапонија, Србија, Романија, Турција и Бугарија, а настапува на речиси сите значајни домашни фестивали и манифестации: Охридско лето, Скопско лето, Штипско лето, Есенски музички свечености, Мајски оперски вечери, „Интерфест“ – Битола и други.
Во текот на својата кариера реализира голем број улоги, меѓу кои повеќе од 15 главни и водечки баритонски остварувања: Набуко („Набуко“), Риголето („Риголето“), Магбет („Магбет“), Грофот Луна („Трубадур“), Жорж Жермон („Травијата“), Дон Карло ди Варгас („Моќта на судбината“), Амонасро („Аида“), Ецио („Атила“), Енрико („Лучија од Ламермур“), Белкоре („Љубовен напиток“), Ескамиљо („Кармен“), Валентин („Фауст“), Шонар („Боеми“), Алфио („Кавалерија рустикана“), Силвио („Палјачи“), Таткото Петер („Ивица и Марица“), Сигизмунд – крал на Полска („Иван Сусанин“), Огнен („Цар Самоил“) и Вангел („Илинден“).
– Неговата посветеност кон уметноста, впечатливите улоги и љубовта кон сцената ќе останат трајно запаметени. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и сите што го познаваа и почитуваа. Слава му – се вели во објавата.
МИА


