На 1–2 јуни 2026 година, во Скопје ќе се одржи деветтото издание на МЕФ 2026, водечкиот регионален форум за клима, енергетска транзиција и одржлив развој во Западен Балкан. Годинашниот форум, под мотото „Унапредување на климатската отпорност и енергетската транзиција на патот кон COP31“, ќе ги обедини носителите на политики, меѓународните организации, финансиските институции, приватниот сектор и граѓанското општество со цел зајакнување на регионалната климатска соработка и отпорност.
Настанот се организира во партнерство со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија и претставува една од најзначајните регионални платформи за климатска дипломатија во Југоисточна Европа.
МЕФ 2026 оваа година има статус на официјален партнерски настан на Претседателството со COP31, со што форумот станува дел од пошироките меѓународни подготовки за претстојниот глобален климатски самит. Заклучоците и препораките од дискусиите во Скопје ќе придонесат кон регионалниот придонес во глобалните разговори за климатска акција, енергетска транзиција, климатска отпорност и одржлив економски развој, соопштија организаторите.
Во време на растечки климатски ризици, екстремни временски појави и зголемени геополитички предизвици, МЕФ 2026 ќе се фокусира на теми поврзани со климатската отпорност, праведната транзиција, регионалната соработка, обновливите извори на енергија, зелените инвестиции, критичните суровини и одржливите синџири на снабдување. Форумот ќе отвори простор за заеднички регионални решенија кои ги поврзуваат климатските цели со економската стабилност, безбедноста и социјалната кохезија.
На официјалното отворање и во рамки на програмата, како што е најавено, ќе учествуваат високи домашни и меѓународни претставници, меѓу кои претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за животна средина и просторно планирање Мухамет Хоџа, амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Артур Лорковски, како и извршниот директор на МЕФ и ЗИП Институт, Агим Селами. Специјално обраќање ќе има и Фатма Варанк, извршен директор на COP31 Турција.
– МЕФ 2026 претставува важен мост меѓу Западен Балкан и глобалната климатска агенда. Преку партнерството со COP31, регионот добива можност своите предизвици, политики и приоритети директно да ги внесе во глобалните климатски дискусии и да придонесе кон заедничките напори за поотпорна и поодржлива иднина, посочуваат организаторите.
МИА


