Изминатото деноноќие регистрирани се повеќе случаи на семејно насилство, меѓу кои физички напади и случаи на демнење во Виница, Тетово, Гевгелија и Скопје, при што против едно лице е поднесена кривична пријава, а две лица се лишени од слобода.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, ОВР Виница поднесе кривична пријава против Н.П. (37) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. Пријавениот, на 22 мај во семејната куќа во виничко село, физички ја нападнал неговата 22-годишна сопруга и ѝ нанел повреди, кои биле констатирани во Здравствениот дом во Виница.
По пријава од поранешни партнерки, пак, вчера во Тетово биле две лица лишени од слобода.
– Полициски службеници од СВР Тетово вчера во 15:30 часот го лишиле од слобода Ј.С. (58), по пријава од неговата поранешна 53-годишна невенчана сопруга. Таа пријавила дека во неколку наврати била следена, вознемирувана и ѝ биле упатувани закани по безбедноста со барање повторно да живеат заедно. Лицето е задржано во полициска станица и по документирање на случајот ќе следува соодветна пријава … Синоќа во 22:40 часот, полициски службеници од Полициското одделение Јегуновце го лишиле од слобода С.К. (30) од Скопје. Постапувајќи по пријава од 30-годишна тетовчанка, со која порано биле во врска, тој во неколку наврати истиот ден ја следел и барал од неа повторно да бидат заедно – стои во соопштението на МВР.
Физички напади меѓу сопружници и партнери, исто така, се регистрирани и во Гевгелија и Скопје.
– Во Гевгелија, синоќа во 21:15 часот во Полициската станица Гевгелија, 23 -годишна жителка на Гевгелија пријави дека околу 20:00 часот на улица во Гевгелија нејзиниот сопруг Т.М. физички ја нападнал. Т.М. е повикан во Полициската станица Гевгелија, а за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава … Вчера во 13:30 часот во СВР Скопје 61-годишен маж пријави дека на 05.06.2026 во домот на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од неговата вонбрачна партнерка К.П.(54). Се преземаат мерки за расчистување на случајот – стои во соопштението на МВР.
МИА


