Кина ги повика САД да ја исправат, како што рече, погрешна одлука за вклучување на неколку кинески компании, вклучувајќи ги „Алибаба“ и „БИД“, на списокот на компании што Вашингтон ги смета за поврзани со кинеската војска.
„Кина постојано се спротивставува на премногу широкото толкување на националната безбедност на САД, создавањето дискриминаторски листи и неразумното потиснување на кинеските компании. Ја повикуваме американската страна да ги исправи своите грешки и да го прекине неоправданото потиснување на кинеските компании“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џиан, објави „Глобал тајмс“.
Тој додаде дека Кина ќе преземе неопходни мерки за заштита на легитимните права и интереси на своите компании.
Американското Министерство за одбрана го прошири списокот на кинески компании за кои верува дека имаат врски со кинеската војска, вклучувајќи ги технолошките гиганти „Алибаба Груп“ и „Бајду“, како и производителот на автомобили „БИД“.
Според соопштението, Пентагон ја ажурирал таканаречената „листа 1260H“, безбедносните евиденции на компаниите што американските власти ги сметаат за дел од воената и одбранбената индустриска база на Кина.
Иако овие ознаки не се сметаат за формални санкции, тие го спречуваат Министерството за одбрана на САД директно да склучува договори со наведените компании, а од 2027 година, набавката на нивните производи преку трети страни ќе биде ограничена.
МИА


