Кина тврди дека странски разузнавачки служби користат морски животни за шпионажа

Кинеското Министерство за државна безбедност соопшти дека странски разузнавачки служби користат морски животни опремени со сензори за собирање чувствителни информации во кинеските територијални води.

Во објава на социјалните мрежи Министерството предупреди за употреба на „нови видови шпионска опрема“ за прибирање морски податоци што би можеле да имаат воено значење. Според соопштението, во кинески води биле забележани поголеми морски животни, меѓу кои желки и риби, опремени со сензори за набљудување.

„Тие животни се движат во одредени области со цел да собираат чувствителни податоци за морската средина, како што се температурата на водата, соленоста и морските струи, а потоа информациите ги пренесуваат во странство преку сателит“, наведува Министерството.

Кинеските власти уште тврдат дека странски организации користат специјализирани пловки со сензори, како и опрема поставена на трговски бродови, способна во реално време да ги следи активностите во пристаништата.

Според Пекинг, собраните податоци може да се искористат за изработка на детални подводни карти што би помогнале во идентификување на потенцијални слабости во крајбрежната одбрана на Кина.

Министерството повика на построга контрола на увезената опрема и ги охрабри рибарите и поморските работници да пријавуваат сомнителни пловки или уреди откриени во вода.

Тензиите меѓу Кина и западните земји околу прашањата за шпионажа и национална безбедност траат со години, при што Пекинг и повеќе западни влади меѓусебно се обвинуваат за разузнавачки активности.

Во јуни годинава разузнавачкиот сојуз „Пет очи“ предупреди дека кинески агенти се претставуваат како онлајн-регрутери за да дојдат до доверливи информации од потенцијални извори.

МИА