Британскиот премиер Кир Стармер ги отфрли тврдењата дека го загубил авторитетот и изјави дека ќе се бори да остане на функцијата, нагласувајќи дека секој негов можен наследник би се соочил со истите финансиски проблеми.
Стармер ова го изјави еден ден по оставката на министерот за одбрана Џон Хили, кој го обвини премиерот дека не успеал да обезбеди доволно средства за одбраната и за безбедноста на земјата.
– Нема да се откажам – изјави Стармер за Би-Би-Си во својот прв јавен коментар по ненадејната оставка на Хили.
Бидејќи се очекува неговите ривали во наредните недели или месеци да почнат трка за премиерската функција, Стармер порача дека ќе се спротивстави на секој предизвик.
– Да бидам јасен, ова не е прашање на лична суета, ниту на инает, туку произлегува од длабоко чувство на должност. Избран сум да ѝ служам на оваа земја и покрај тешките околности. Токму тоа и го правам – рече британскиот премиер.
Тој ги отфрли критиките на Хили, нагласувајќи дека одбраната и безбедноста остануваат негови клучни приоритети и дека Владата ќе продолжи да ги става во преден план при идните буџетски одлуки.
Стармер додаде дека веќе донел „непопустливи“ одлуки за намалување на буџетите на други ресори со цел да се обезбедат повеќе средства за инвестиции во одбраната.
– Кој и да биде премиер, ќе се соочи со истите предизвици со кои се соочувам и јас. Ништо од тоа нема да се промени – рече Стармер.
МИА


