Беше тежок натпреварот против Мароко и имаше извесна нервоза во нашите редови, изјави бразилскиот селектор Карло Анчелоти по нерешениот резултат 1-1 во првиот натпревар од Групата Ц на Светското првенство.
Двата гола беа постигнати во првото полувреме. Мароканците поведоа со голот на Саибари во 21 минута, додека Винисиус Жуниор израмни во 32. минута.
„Не го започнавме добро натпреварот и не сум задоволен од тоа како изгледавме во првото полувреме. Сè беше доста нервозно од наша страна. Често ја губевме топката, немавме толку многу посед колку што сакавме и се боревме да останеме живи. Многу се подобривме во второто полувреме, од што сум позадоволен. Како што се очекуваше, ова беше тежок натпревар, Мароко уште еднаш покажа дека е многу добар тим. Мароканците се особено опасни во транзицијата“, изјави Анчелоти по натпреварот.
Мароканците одиграа одлично прво полувреме и имаа неколку опасни шанси покрај голот.
„Освоивме бод и задоволни сме од нашата игра, од тоа како изгледавме на теренот. Не беше лесно, но не очекувавме ништо друго против еден од фаворитите на првенството. Ова е само почеток и мора да бидеме среќни“, изјави мароканскиот репрезентативец Ашраф Хакими.
МИА


