Во два одвоени случаи, во североисточна Грција во регионот на Еврос, во близина на копнената граница со Турција, уапсени биле три лица, кои со патнички возила незаконски во земјата внеле вкупно 19 нелегални мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека во двата случаи, денеска и вчера, биле уапсени тројца странски државјани осомничени за криумчарење мигранти.
Во првиот случај, вчера попладне, на регионален пат во Родопи, возач на патничко возило, не застанал на полицискиот сигнал и продолжил да се движи со голема брзина, а откако бил запрен, полицајците го уапсиле бидејќи во автомобилот превезувал десет нелегални мигранти.

Во вториот случај, рано утрово на автопатот Егнатија, биле уапсени двајца криумчари, едниот управувал патничко возило кое служело како претходница за предупредување и избегнување полициски контроли, додека вториот управувал со друг автомобил во кој незаконски превезувал девет нелегални мигранти.
Дополнително, од полицијата информираа дека возилата се запленети, а уапсените ќе бидат изведени пред надлежните јавни обвинители.
МИА


