Филипче: Странските инвестиции паднаа за две третини, економските ветувања на Мицкоски пропаднаа

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, оцени дека по две години власт на Христијан Мицкоски, целосно пропаднале клучните економски ветувања со кои ВМРО  ја доби довербата од граѓаните.

Филипче потсети дека Мицкоски ветуваше повисок животен стандард, подобри услови за работниците, намалена инфлација, намален буџетски дефицит и зголемени домашни и странски инвестиции, но реалноста денес е сосема поинаква.

„Што ветуваше Мицкоски за економијата и животниот стандард? Зголемен животен стандард, поголем стандард на работниците, намалена инфлација од 2,5%, намален буџетски дефицит и зголемени странски инвестиции. Вистината е сосем поинаква“, рече Филипче.

Тој нагласи дека еден од најсилните показатели за економскиот неуспех е драматичниот пад на странските инвестиции.

„Наместо зголемување на странските инвестиции, тука да гледаме нови фабрики, отворање на работни места, како што премиерот ветуваше, странските инвестиции се намалени за скоро две третини“, истакна Филипче.

Економските резултати на Владата се поразителни и директно се чувствуваат во животот на граѓаните.

„Денеска, наместо зголемен животен стандард, стандардот е намален во споредба од пред две години. Граѓаните живеат полошо и потешко, паричниците и фрижидерите се попразни“, порача Филипче.

Тој додаде дека наместо подобар стандард, работниците добиле поголема сиромаштија, додека цените продолжуваат да растат.

„Наместо зголемен стандард, работниците добија зголемена сиромаштија, сиромаштијата е зголемена за 22%“, рече Филипче.

Филипче посочи дека Владата потфрлила и во контролата на инфлацијата.

„Инфлацијата од 4,8% е скоро дупло поголема од тоа што го предвидува и го ветува во нивната предизборна платформа. Храната е скапа, на годишно ниво поскапувањето е околу 10%“, нагласи Филипче.

Тој оцени дека по две години власт нема ниту нов развоен циклус, ниту реални економски резултати, туку растечки долгови, намалени инвестиции и се потежок живот за граѓаните.

„Вистината е практично поразителна со овие две години на власт. Се топат платите, растот на цените е огромен, а ние имаме најнизок стандард во регионот“, порача претседателот на СДСМ.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Најчитани вести