Светски познатиот психолог, Габор Мате: Тие што ги ставаат туѓите потреби пред своите и ги потиснуваат своите чувства, доаѓаа кај мене со хронични болести или завршуваа на палијативното одделение

Светски признатиот психотерапевт Габор Мате, пред неколку месеци наполни осумдесет години. На прашањето како се чувствува во врска со оваа „информација“, гостувајќи кај подкастерот Ранган Чатерџи (британски доктор по општа медицина, пред да се посвети на здравствена едукација преку медиуми), одговара: „Во еден период од животот тоа ми изгледаше како невозможно геријатриска бројка. Сега е само бројка, речиси бесмислена”. И додава: „Не сосема бесмислена. Бидејќи кога ќе стигнеш до 80-тите, сфаќаш дека колку и да трае понатаму, ќе трае кратко.“

Пензиониран од активната медицинска практика пред 13 години, Мате се прашува дали ќе биде жив за уште 13 години одовде? И, си одговара: „Тоа изгледа како многу краток период.” Меѓутоа, тој е очигледно благодарен на доживеаните години, бидејќи смета дека нешто конечно, се смирило во него. „Во повеќето денови чувствувам како некој спокој да влезе во мојот живот”, вели тој. Не борба против тоа како нештата се, туку само нивно прифаќање, со сите реакции кои се допуштени да постојат, без отпор кон самото постоење.“ Мате, како илустрација за кажаното, ја споменува и средбата со негова пријателка, која не ја видел неколку години, а која притоа му рекла: „Си се променил. Си станал помек.”

Овој доктор е познат по својата теорија за врската помеѓу потиснатото јас и болестите, па така, кога Чатерџи го споменува во подкастот најчестото жалење на луѓето пред смртта, од типот: „да имав храброст да живеам свој живот, а не оној што другите го очекуваа од мене”, тој вели: „Тоа всушност е самоосудување”. Според Мате, луѓето кои го потиснувале своето вистинско „јас“ за да бидат прифатени, развиваат хронични болести, бидејќи самопотиснувањето има директни физиолошки последици врз имунолошкиот систем, нервниот систем, срцето т.е. дека „тоа е физиолошко самоуништување.”

Авторот на неколкуте бестселери од областа на психологијата, не зборува за избор: „Ниту едно бебе не се раѓа со намера да се потиснува себеси. Тие се потполно свои.” Кога подоцна возрасните луѓе го нарекуваат тоа „недостаток на храброст”, појаснува тој, тие всушност опишуваат адаптација за преживување научена во детство, откритие дека, ако се покажеш свој, ризикуваш да бидеш отфрлен: „Не се работи за недостаток на храброст. Се работи за тоа дека нешто ми се случи во минатото, поради што се откажав од своето вистинско јас. А тоа скапо ме чинеше.’”

На прашањето пак, дали се плаши од смртта, Мате одговара: „Во принцип, не. Но, реално нема да знам сè додека не се соочам со неа”. Вели дека се чувствува жив, има енергија, интереси, љубов. Но сепак, признава амбивалентност: „Понекогаш ме фаќа страв. Не сакам да се откажам од ова. Во други моменти си велам: ако се случи, барем живеев, беше убаво.”

На темата за „стравот од смртта“ спомнува и истражувања за псилоцибин кај пациенти во терминална фаза, кои пријавуваат значително намалување на стравот од умирање по духовни искуства поттикнати од печурките. Самиот тој вели дека никогаш не се соочил со смртта во таа смисла, но врз основа на свои психоделични искуства, заклучува: „Постои поголема вистина од самото продолжување или престанување на работата на ова наше, конкретно тело.” Кога пак, Чатерџи го отвора прашањето за бумот на долговечноста во медицината, Мате не го крие својот презир: „Сите овие муабети за долговечност ме досадуваат до смрт. Едноставно не ми е грижа.”

А за богаташите кои ги замрзнуваат своите тела со надеж за иднина, категоричен е: „Тоа ми е досадно.” За него важно е само едно, што овој момент носи и што можеме да му донесеме на овој момент. Дотолку повеќе го интересира зборот „growing older”,  растење постар: „Кога старееме, всушност се смалуваме. Прашањето кое останува е во која смисла можеме навистина да растеме. Можеме да растеме во почитта кон животот, да знаеме што е важно, да растеме во мудроста.” Се повикува и на домородните култури кои не зборуваат за „стари лица”, туку за „мудри старци”, разлика која смета дека модерното општество ја губи.

Луѓето што се на претсмртна постела често изразуваат каење од типот: „Да не работев толку напорно.” Мате ја прецизира разликата помеѓу работење напорно и работење премногу напорно. Вели дека станал лекар од легитимни причини, од желба да помогне и потреба да заработи за семејството: „Тоа те тера да работиш напорно, но не и премногу.”

Пренапорна работа, според него, доаѓа од нешто несвесно. За самиот себе, признава: „Бев притиснат од внатрешна потреба да докажам дека сум важен, дека вредам. Тоа произлегува од детска траума, губење на самодоверба во раното детство.“

Спротивно на тоа, ја гледа сопствената практика во бракот. Габор Мате се оженил со Реј Мате во 1969 година. Имаат три деца, меѓу кои Даниел Мате, со кого заедно ја напишал „Митот за нормалното” и Арон Мате, новинар. Кога излегол на прв состанок со сопругата Реј, тропнал на нејзината врата и прашал: „Може ли Реј да излезе да си играме?” Тоа, вели, продолжуваат да го прават до денес. И, заклучува: „Среќата значи да бидеш во сегашноста, да ти биде дозволено да постоиш, без разлика на сè и да го имаш тој капацитет за игра.”

Ранган Чатерџи му го постави и прашањето коешто многумина денес го носат во себеси: со толку болка и страдање во светот, дали воопшто имаме право да бидеме среќни? Мате на тоа одговара: „Боб Дилан некаде кажа дека е тешко да бидеш целосно среќен кога другите луѓе страдаат. И тоа е вистина”. Ја спомнува Газа, не како апстракција, туку како нешто кое лично го растревожува.

Пред три-четири години, за време на искуството со псилоцибин, Мате се соочил со прашање со кое се мачел цел живот. „Отсекогаш бев од оние луѓе кои си велеа: Како можам јас да бидам среќен кога Аушвиц бил можен? Кога баба ми и дедо ми загинале таму?” Растенијата, според него, му покажале нешто многу поучно: „Капацитетот да чувствуваш туѓа тага, не го поништува капацитетот да бидеш среќен. Не е предавство кон страдањето на светот ако си дозволиш себеси радост.“

Како поткрепа, Мате раскажува за затвореници во американски затвори осудени на доживотен затвор без можност за помилување , луѓе кои и покрај најлошата можна судбина, се искрено среќни. Преку медитација, соочување со траума, искрено каење и поврзување со другите и со сегашниот момент. „Си помислив“, вели, „Боже мој, ако тие можат, тогаш кој сум јас да кажам дека не можам да бидам среќен?” 

Мате прецизно се ограничува од популарната „позитивна” филозофија. Не зборува за игнорирање на лошото. Зборува за способноста истовремено да се држат и тагата и среќата, без да се потиснува едната или другата. А хроничното жалење, вели тој, е нешто сосема друго. „Тоа е исцрпувачко и деструктивно. Чист недостаток на самопростување. Еден вид егоизам кој во суштина не е корисен.”

Мате го применува овој став и на сопствениот живот. „Признавам дека начинот на кој ги воспитував моите деца не беше најдоброто нешто за нив, но беше најдоброто што можев да го направам во тоа време.” За него, тоа не е оправдување, ниту заглавување во минатото: „Жалењето е емоционална состојба која го вреднува минатото повеќе од сегашноста и те обвинува тебе лично, за работи за кои тогаш едноставно си ја немал потребната свест.”

Унгарско-канадскиот психолог не тврди дека знае што се случува по смртта. Прави јасна разлика помеѓу она што го знае како лекар и она што го чувствува или остава отворено. Во книгата „Митот за нормалното“, пишува за она што го видел кај своите пациенти на палијативно одделение: „Повторно и повторно, токму ‘добрите’ луѓе, оние што постојано ги ставаат туѓите потреби пред своите и ги потиснуваат своите чувства, доаѓаа кај мене со хронични болести или завршуваа на палијативното одделение што го водев.” Всушност, неговата најпозната идеја врзана со страдањето гласи: „Траумата не е она што ти се случува, туку она што се случува во тебе како последица на тоа.”

Сепак, Мате не тврди. Не вели дека сите болести се предизвикани од траума. Не вели дека смртта може да се избегне ако човек ги реши своите психолошки проблеми. Не поставува едноставна равенка дека траумата е еднаква на смрт: траумата, хроничниот стрес, потиснатите емоции и социјалната изолација се значајни и често занемарени фактори во здравјето и болеста.

Габор Мате не дава утешни приказни за смртта. Не дава ни строги, материјалистички одрекувања. За Мате, свесноста за сопствената смртност не треба да парализира. Треба да поттикне. Низ неговите разговори за траума и автентичност постојано се враќа на иста идеја: најголемата трагедија не е смртта сама по себе, туку животот живеен отуѓено од сопственото јас. Прашањето кое тој го смета за суштинско при соочување со конечноста на животот гласи: „Дали го живеам животот според моите најдлабоки вистини или за да ги исполнам туѓите очекувања?

Во повеќе интервјуа тој признава дека стравот од смртта е човечки и природен, но истовремено тврди и нешто поинтересно: дека најголемиот извор на страдање не е самата смрт, туку приврзаноста кон идентитетот и егото. Тука, според познавачите на неговата работа, се гледа неговото влијание од будистичката филозофија. За него, чувството на „јас” не е толку цврсто колку што обично го замислуваме. Затоа неговиот став не е „не се плашам од смртта”, тоа би било премногу едноставно, дури и нечесно. Поточно е да се каже: смртта е природен дел од животот и не треба да биде табу. Овој став директно произлегува од неговите децении работа во палијативна медицина, кадешто смртта не е апстракција, туку секојдневие.

Конечно, тој никогаш не тврдел дека постои рај, ни пекол, ни реинкарнација. Никогаш не тврди ни дека науката докажала живот по смртта. Нема познат негов цитат, во книга или интервју, во кој категорично вели „постои живот после смртта” или „не постои живот после смртта.” Бидејќи на интернет често му се припишуваат духовни ставови за задгробен живот, кои тој никогаш не ги изразил конкретно. Наместо категорични тврдења, Мате нуди отвореност кон мистеријата. Неговиот реален став е поблиску до: „Не знам, но не верувам дека материјалистичката наука ги има сите одговори за свеста.”

Тој често го критикува строгиот материјализам и смета дека човечката свест можеби е подлабока појава отколку што науката моментално ја разбира. Но, вели, тоа не е исто што и тврдење дека постои живот после смртта. Тоа е признание дека прашањето останува отворено. Во неговите книги неговиот однос кон умирањето е поврзан токму со оваа идеја, дека она што „умира” можеби не е целата наша суштина, туку нашиот конструиран идентитет, оној изграден врз очекувања, траума и одбрана. Всушност, Мате вели дека: смртта е неизбежен и природен дел од животот, кој треба да се прифати наместо да се негира, а за тоа што се случува после неа, треба да се остане интелектуално чесен и да се признае незнаењето. Според него, не е тоа утеха. Не е страв. Чесност е.

Кој е Габор Мате?

Габор Мате е роден во јануари 1944 година во Будимпешта, во еврејско семејство, во нацистичката окупација на Унгарија. Како бебе, бил рано одвоен од мајка му, која го оставила кај далечни роднини, среде холокаустот и опасностите во будимпештанското гето. Неговите баба и дедо по мајчина линија, Јосеф и Хана Леви, кои потекнувале од градот Кошице во денешна источна Словачка, биле убиени во Аушвиц кога тој имал само пет месеци. Тетка му исчезнала за време на војната, а татко му вршел принудни задачи по наредба на нацистичката партија.

По унгарската револуција од 1956 година, семејството емигрирало во Канада во 1957, кога Мате имал 13 години и се населило во Ванкувер. Таму завршил додипломски студии на Универзитетот на Британска Колумбија, работел неколку години како средношколски наставник по англиски јазик и литература, а потоа се вратил на Универзитетот за да добие диплома по медицина во 1977 година. Водел приватна семејна практика (матичен лекар), во Источен Ванкувер над дваесет години и бил медицински координатор на Одделението за палијативна нега во болницата во Ванкувер седум години.

За својот професионализам и сочувство во помагањето на луѓе со зависности, како и за работата како автор, говорник и експерт за стрес, траума, зависност и детски развој, Мате бил именуван за член на Орденот на Канада на 11 мај 2018 година, а официјално му е врачен на 13 април 2022-ра.

Автор е на повеќе меѓународни бестселери, меѓу кои „Расеани умови”, „Кога телото вели не”, „Во земјата на гладните духови” и, заедно со синот ,Даниел Мате, „Митот за нормалното”. 

МИА

Најчитани вести