Во повеќето земји надвор од еврозоната, граѓаните го поддржуваат приклучувањето кон единствената валута во Европската унија, покажува истражување на „Евробарометар“ презентирано денеска од Европската комисија.
Најсилна поддршка е забележана во Унгарија, каде што 80 проценти од испитаниците изразиле поддршка. Споредено со податоците од претходната студија, Унгарија забележа зголемување од седум проценти кај приврзаниците и намалување кај оние кои го поддржуваат принципот и оние кои се повеќе или помалку против него. Уделот на противниците на еврото во Унгарија се зголеми за еден процент (до 6 проценти).
Во Романија, приклучувањето кон еврозоната е поддржано од 65 проценти од граѓаните, додека најсилен пад е забележан кај групата на оние кои неодлучно го поддржуваат воведувањето на заедничката валута. Во Полска, поддршката за еврото е 43 проценти, а во Чешка – 42 проценти. Во овие две држави е забележан најголем дел од противниците – 36 и 35 проценти.
Во Шведска, 51 процент се „за“, 32 проценти се „повеќе или помалку против“, а 15 проценти се решително против приклучувањето на земјата кон еврозоната.
Во истражувањето нема податоци за Данска, која отстапува од општото правило, дека земјите од ЕУ воведуваат заедничка валута откако ќе исполнат соодветни услови.
МИА


