Коосновач на „Вијести“ во Брисел обвини дека српскиот претседател се обидува да воспостави контрола врз медиумот

 Еден од основачите на црногорскиот медиум „Вијести“, Жељко Ивановиќ, ги предупреди соговорниците во Брисел дека српскиот претседател Александар Вучиќ преку посредници се обидува „преку нетранспарентни и коруптивни аранжмани да воспостави контрола врз ’Вијести’ и да ги загрози преостанатите независни медиуми во Црна Гора и во Србија“.

Европратеникот Андреас Шидер за време на средбата со Ивановиќ изјави дека заедно со колегите задолжени за Западен Балкан итно ќе ги разгледа можните чекори за вклучување на Европскиот парламент во случајот, кој според него може да ги загрози едни од најкредибилните и највлијателни медиуми во регионот.

Според соопштението на Ивановиќ, тој престојува во повеќедневна посета на Брисел, каде што се сретна со претставници на Европскиот парламент, на Европската служба за надворешно дејствување и на организации кои се занимаваат со заштита на слободата на медиумите.

Во разговорот со Шидер, Ивановиќ укажа на „улогата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како главен дестабилизирачки фактор во регионот и една од најголемите пречки за европската интеграција на земјите од Западен Балкан“.

Посебен дел од разговорот бил посветен на, како што се наведува, најновите обиди за загрозување на слободните медиуми во Србија и во Црна Гора преку нетранспарентни сопственички структури, сомнителни деловни аранжмани и фондови чии крајни интереси не се доволно јасни за јавноста.

Ивановиќ го информираше Шидер за тврдењата дека Вучиќ преку посредници во фондовите „БЦ Партнерс“ и „Алпак“ се обидува да ги заобиколи црногорските закони и статутот на компанијата и практично да преземе контрола врз 51 процент од сопственоста на „Вијести“, која во последните пет години беше во посед на „Јунајтед група“.

Тој нагласи дека „Јунајтед медиа“ не е стопроцентен сопственик на „Вијести“, туку контролира 51 процент од акциите, додека американскиот Медиа девелопмент инвестмент фанд (MDIF) и локалните основачи поседуваат 49 проценти и право на првенство при купување.

Ивановиќ изрази уверување дека црногорските регулаторни институции, пред сè Агенцијата за заштита на конкуренцијата и Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, како и надлежните судови, ќе ја препознаат, како што ја нарече, „фарсичната и коруптивна шема“ и ќе ја спречат нејзината реализација.

Според него, целта на таквата операција би била ставање под контрола на „Вијести“, медиум кој, како што наведе, „очигледно најмногу го нервира Вучиќ во целиот регион“.

Шидер, според соопштението, изјави дека случајот „воопшто не звучи охрабрувачки“ и дека ваквиот развој на настаните би можел да ги загрози некои од најкредибилните и највлијателни медиуми во регионот, меѓу кои се и „Вијести“.

Тој додаде дека не би бил изненаден доколку зад обидите за дестабилизација на независните медиуми и попречување на европскиот пат на земјите од Западен Балкан стои токму Вучиќ, бидејќи, според него, „тоа не би било првпат“.

Ивановиќ вчера се сретна и со Емануеле Жофре, заменик генерален директор на Европската служба за надворешно дејствување и поранешен шеф на Делегацијата на ЕУ во Србија.

Тој го информираше Жофре за, како што наведе, обидите за загрозување на независните медиуми во регионот преку сомнителни деловни аранжмани и фондови со нетранспарентна сопственичка структура.

Ивановиќ се сретна и со Јулија Мајерчак, која раководи со канцеларијата на „Репортери без граници“ во Брисел, при што ја информираше за, како што тврди, најновата намера на српскиот претседател преку посредници да влијае врз сопственичката структура на „Вијести“.

Тој порача дека ќе продолжи да ги информира европските институции, меѓународните организации за заштита на слободата на медиумите и другите релевантни актери во Брисел за случајот, со цел да се спречи нетранспарентен капитал и политички интереси да преземат контрола врз клучни медиуми во регионот. 

МИА

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести