Прв случај на ебола надвор од Африка потврден во Франција

На лекар, кој се вратил од Демократска Република Конго, која моментално е погодена од голема епидемија на ебола, му е дијагностицирана болеста во Франција.

Франција е првата земја надвор од Африка што потврди случај на инфекција на нејзина територија во епидемијата. Претходните сомнителни случаи во Бразил и Италија не се потврдени.

Епидемијата, која во помал степен ја погоди и Уганда, е од редок сој на вирусот познат како „Бундибуџо“ за кој не постои вакцина или специфичен третман.

Француското Министерство за здравство денеска соопшти за „идентификација на првиот потврден случај на заболување од вирусот ебола во земјата“.

„Пациентот, кој се вратил од една од областите во Демократска Република Конго каде што циркулира вирусот, веднаш бил примен во специјализирана установа и е во стабилна состојба“, соопшти министерството.

Министерството за здравство наведе дека случајот е идентификуван на француското копно, без да даде дополнителни детали за локацијата, повикувајќи се на медицинска доверливост.

Иако здравствените власти нагласија дека ризикот од пренесување се смета за низок, францускиот премиер Себастијан Лекорну веднаш изјави дека ја следи ситуацијата „многу внимателно“.

Во Демократска Република Конго има голема епидемија на ебола, која се манифестира како хеморагична треска – многу често фатална.

Според најновите официјални податоци, 1.048 лица се заразени со вирусот, од кои 267 починале, што ја прави стапката на смртност околу 25 отсто. Некои експерти сметаат дека можно е обемот на епидемијата да е потценет, бидејќи ја има во региони кои се многу оддалечени.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести