Жителите на романскиот округ Тулча синоќа добија предупредувачка порака преку системот „Ро-Алерт“ поради руските напади со дронови врз Украина, во близина на границата со Романија.
Романското Министерство за одбрана ги информираше сојузничките структури во реално време за ситуациите предизвикани од нападите и одржуваше постојан контакт со нив. Воздушната тревога беше откажана по четири часот утрово.
Романија, членка на ЕУ и НАТО, има копнена граница со Украина долга 613 километри. Откако Русија почна да напаѓа украински пристаништа на реката Дунав, беспилотните летала неколку пати го нарушија романскиот воздушен простор.
Кон крајот на мај, руски дрон удри во станбена зграда во Галац. По инцидентот, Романија го прогласи рускиот конзул во Констанца за „персона нон грата“. Како одговор, Москва вчера го прогласи генералниот конзул на Романија во Санкт Петербург за непожелна личност и ја затвори дипломатската мисија.
МИА


