Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска втор ден продолжува со амандманска расправа за ребалансот на Буџетот.
На првиот ден беа разгледани десетина амандмани со коишто се бараа повеќе средства за Министерството за односи со заедниците и за плати за вработените во одбраната и Армијата. Со дел од амандманите се бараше и зголемување на блок дотациите за општините наменети за противпожарните бригади и за изградба на објекти за Армијата.
Поднесени се вкупно 224 амандмани од кои 87 се од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левица и осум од „Вреди“.
Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на 379,2 милијарди денари, што е зголемување за речиси 4,2 милијарди денари или 1,1 отсто во однос на иницијалниот буџет за 2026 година. Вкупните расходи се проектирани на 425,2 милијарди денари. Обезбедени се дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат речиси 46 милијарди денари и се зголемени за речиси 5,8 милијарди денари што е зголемување за 14,5 проценти. Економскиот раст е проектиран на 3,5 отсто, инфлација на 4,5 проценти, а буџетски дефицит на 4,1 отсто од БДП.
Ребалансот, според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, не е резултат на недостигот на приходи или нарушена ликвидност, туку на потребата буџетските проекции да се усогласат со актуелните глобални економски услови.
МИА


