А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“, ова се стихови од Евенгелието според Матеј, кои на најилустративен начин ги опишуваат довербата и важноста што Исус Христос ги имал во апостолот Петар. А за тоа што за христијаните во периодот по распнувањето и на воскреснувањето на Исус Христос значел овој некогашен рибар, еден од дванаесетте апостоли, кој му се придружил заедно со својот брат Андреј, не треба посебно да се објаснува. Сѐ до својата маченичка смрт на 12 јули 61 година тој е практично личност што ја има водечката улога во ширењето на христијанството, во конституирањето на христијанската Црква како институција на темелите на неговата вера. Тогаш, на свој начин, е чудно како подоцна се случило и било определено списот, познат како Евангелие според Петар, кој е еден од најстарите вакви ракописи посветени на животот и на страдањето на Исус Христос, да стане дел од канонските евангелија содржани во Новиот завет и кои се фундаменти на христијанската религија. Односно, како се случило за канонски да бидат прогласени рвангелијата според Матеј, Лука, Марко и Јован, кои, според сознанијата, настанале по неговото, а не и по раскажувањето за кое се верува дека го напишал најверниот следбеник на Исус Христос?
Познато е, делата што влегле во составот на Новиот завет, кој го сочинуваат 27 книги, првпат се определени во 367 година од страна на свети Атанасиј Александриски во неговото 39. воскресенско послание. Со тоа, ракописот на пергаментен кодекс, кој бил пронајден на почетокот на 1887 година во некрополата Акхмим во Горен Египет од страна на францускиот археолог египтолог Гастон Масперо, дефинитивно е отфрлен како кредибилно евангелие. А пергаментот кој бил пронајден во гробот во непосредна близина на манастирот што бил подигнат на овој некогашен антички локалитет и кој претставувал препис на првичните ракописи направен во 8 век, имал повеќе делови.

Фрагмент од манускриптот Евангелие според Петар
Забуна во црквата
Првиот дел од кодексот напишан на 12 страници, односно, шест пергаментски листа, всушност, е и главниот дел што се нарекува Евангелие според Петар. Но, досегашните сознанија покажале дека тоа не е целосно евангелско четиво, туку само дел од една евангелска целина на Петровото евангелие. Вториот дел од осум страници го опфаќа ракописот наречен Откровение на апостол Петар и кој открива дека овој и претходниот дел го пишувала една иста личност. Најопширната содржина ја претставува третиот дел, каде што веќе се открива дека е пишуван од страна на повеќе автори, а четвртиот дел е најкус, составен е од само една страница.
– Првиот дел од кодексот во кој се наоѓа Петровото евангелие создава повеќе прашања и тези отколку што дава одговор. Самиот текст почнува со вцртан мал крст на почетокот од текстот и текстуалната содржина оддава впечаток дека не станува збор за форамлни зборови што имаат одлика на еден канонски евангелски текст. Со други зборови, може да се каже дека текстот е прекината целина од еден веќе постоен текст и е прифатен како фрагмент. Во науката веќе е прифатено дека овој текст не може да потекнува од периодот по 8 век. Тој препишан фрагмент, кој ќе биде прифатен како Петровото евангелие, е првото пронајдено неканонско евангелие. Денешниот научен став кон овој фрагмент на Петровото евангелие е дека фрагментот е создадаен врз база на еден список за кој со сигурност не може да се каже дека е првобитното евангелско четиво и дека потекнува од апостолот Петар. Но, сѐ уште постои теорија дека текстот, од кој е препишан постојниот фрагмент, е еден текст, паралелен по форма на канонските евангелија и се верува дека е историски спомнуваното Евангелие според Петар – објаснуваше своевремено Дарко Анев, тогашен асистент по старогрчки јазик на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ на МПЦ – ОА.
Тезата дека не се работи за целосно евангелие Анев ја објаснува со фактот што како почетокот така и крајот на овој текст, каде што се гледа грубо прекинување на раскажувачко дејство, потврдуваат дека се фрагмент од еден поголем текст. А за него во западната теолошка мисла периодот на настанувањето се лоцира кон крајот на 2 и почетокот на 3 век. Анев наведува дека овој спис првпат бил спомнат од страна на Јустин Маченик, чии дела датираат од 150/160 година и во кои тој спомнува за еден вид мемоари и сеќавања на апостолот Петар. Тоа би значело дека не станува збор за едно текстуално дело именувано како евангелие бидејќи Јустин Маченик сигурно би го именувал како такво. Но, како евангелие овој спис е првпат спомнат од страна на Серапион од Антиохија во 190 година и кој, практично, ги дава содржинската линија и теолошката вредност на ова Петрово евангелие.

– Ние, браќа, ги прифаќаме Петар и другите апостоли како Христос, како луѓе што се искусни, ги отфрламе списите што одат од рака до рака и се нарекуваат според нивните имиња, а каде што јасно се забележува некоја сосема поинаква вера од онаа што ја примиле апостолите. Јас претпоставувам дека и до вас дошол еден препис на евангелието што го носи името на апостолот Петар и дека поради тоа дошло до „смут“ во редовите на вашата црква. Сега, кога разбрав дека некои од вас втонале во ерес, ќе настојувам што побргу да дојдам – пишува овој голем теолог во своето дело, со што јасно се покажува каков однос треба да се има кон списот што се нарекува Евангелието според Петар.
Не почувствувал болки на крстот
Теологот Анев објаснува дека Серапион го потенцира ова Евангелие како постоен спис, но и го објаснува и го отфрла како неприфатливо.
– Тој дозволува делото да се прочита бидјеќи на тој начин ќе се забележи и ќе се открие кој ерес се крие во него. За кој ерес станува збор, Серапион ги споменува најнапред како следбеници што се отпаднати од Евангелието и воедно имплицитно ја објаснува содржинската идеологија на Петровото евангелие, а тоа е докетизмот. Докетизмот го објаснува како учење што е земено од веќе постојните евангелија и приспособено со убедливи мисли. А централната идеолошката линија на докетизмот е отфрлањето на човечката природа на Господ Исус Христос. Односно, тој определува дека ликот на Исус Христос поседува само духовна егзистенцијалност, а телесната природа е само привидно приспособена. Со други зборови, таа е непостојна. Ваквиот став на докетизмот стапува во директен конфликт со историската евангелска керигма и секој став за вистинското оваплотување на Логосот во телото е отфрлено – наведува Дарко Анев.
Идеологијата на докетизмот, всушност, најдобро се гледа од списот кој се нарекува Откровение според Петар и во кој е наведено и следното опишување на распнувањето на Исус Христос: „Видов како го зграбнаа и реков: што тоа гледам Господе: Дали тој што го водат навистина си ти. Дали тие коваат стапала и раце на некој друг? Кој е оној над крстот кој е весел и кој се насмевнува над крстот“? Спасителот ми кажа: „Оној што го гледаш весел и како се смее над крстот е живиот Исус. А оној преку чии раце и стапала ги коваат шајките е неговиот телесен дел, кој е замена. Тие го срамотат она што останало наместо него. И погледни нѐ и него и мене“.
– Докетизмот, значи, ги признава божјата природа на Господ Исус Христос и неговото дејствување во светот, но ги отфрла неговото искупително дело и страдалното мачеништво и страдалниот крст, со објаснување дека крстниот момент е реализиран од страна на некој негов ученик. Ваквиот став води кон објаснување дека Исус Христос не бил во состојба и можност да искуси човечки измачувања. Ваква теолошка мисла е забележана и во египетскиот прегаментен кодекс, каде што е наведено: „и тие донесоа двајца злосторници и го распнаа Бога во средина помеѓу нив, но тој молчеше како болки да немаше“. Овој став јасно го дистанцира Петровото евангелие од познатите канонски евангелија – потенцира теологот Дарко Анев додавајќи дека е индикативно и тоа што во делото не се употребува името на Исус Христос.
Кои биле последните зборови на крстот?
Од друга страна, интересни се и другите разлики на ова Петрово евангелие со четирите канонски евангелија. Така, на пример, во петттата глава се наведува дека владеела темнина на местото на распетието и дека луѓето насобрани наоколу се обидувале да го осветлат местото бидејќи не биле во состојба да видат што се случува помеѓу нив.
– Во таква ноќна состојба, Исус извикува „Силата моја, силата моја, ти ме напушти“, што не е во согласност со канонските евангелија – потенцира овој теолог.
Во канонските евангелија се забележани поинакви последни зборови, кои ги кажал Исус Христос кога бил распнат на крстот. Во Евангелието според Матеј е наведено дека тој кажал: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави“, а во Евангелието според Лука: „Оче, во Твои раце го предавам својот дух“, што се разликува од неканонскиот спис.
Во шесттата глава се опишува едно посебно дејство, кое во ниеден аспект не одговара на канонските евангелија. Поточно, некои од Јудејците, кои се пред распетието, извлекуваат еден нокот од Исусовото тело и го положуваат на земјата и во истиот момент се појавува Сонцето и се враќа целата светлина врз Јудеја. Моментот на појавувањето на Сонцето е 9. час. Во канонските Евангелија 9. час е времето на распнувањето и затемнувањето.
– Десеттата глава ги опишува воскресението на Исус (κύριος – Господ) и повикот кон јудејските старешини. Двајцата мажи сега во овој дел го изведуваат Исус (κύριος) од гробницата како придружба, која е опишана детално. Исус се наоѓа во средина и воден од двајцата мажи. При излегувањето од гробницата се опишува како биле проследени од еден крст во светлина, кој самиот се движел во заднина. По излегувањето од гробот, сега не се споменува ниту Исус ниту Господ, туку се спомнува „тој“ што бил во средината, тој ги подигнал очите кон небото и во истиот момент се слушнал силен глас од небото: „Дали им проповедаше на умрените“, но сега одговорот не се лоцира во некој од трите мажи, туку одговорот го дава крстот во потврдна форма – „да“ – теологот Анев ја потенцира и оваа разлика.

Претходно, во деветата глава се наведува дека гробницата била чувана од двајца римски војници, кои се менувале во текот на денот. Веднаш потоа се опишува и отворањето на небото и слегувањето на двајца млади мажи во светлина и бела облека, како и самото отворање на гробната плоча. Тие го изнесуваат Исус. Во последната, 13. глава, како завршно опишување се спомнува бројот на дванаесеттемина ученици и нивната состојба на жалост, каде што во последниот стих се спомнува целосното име на Симон Петар. Токму од тоа важело како потврден аргумент за авторството на првобитниот текст, од кој потекнува фрагментот именуван како Петровото евангелие. Сепак, сето ова било доволна причина Евангелието да биде отфлено.
– Не би одговорил дека секоја книга или пишан текст што содржи теолошко-религиозни одлики, кои не се во согласност со канонот на Новиот завет, немаат посебна вредност. Би кажал дека токму во тие пишани текстови – апокрифни списи – покрај посебни теолошки и догматски убедувања и одредби, може да се реконструира еден цел период и да се даде еден одговор за состојбата во која се појавува тоа авторство и кои се проблемите и филозофските правци што го обликувале токму тој текст. Покрај историските факти, кои даваат некогаш и целосна слика за некои случувања, постои и можност за разбирање поинакви аспекти и ставови кон канонските текстови – наведува теологот Дарко Анев.
Што се апокрифни евангелија
Евангелие, познато е, е името на четирите библиски книги од Новиот завет, напишани од учениците на Исус Христос или од нивни ученици, кои го ширеле христијанството во тоа време. Во евангелијата се содржат разкази за животот и учењето на Исус Христос: неговото раѓање, живот, дејност, неговата смрт на крстот и воскресението. Евангелието, всушност, претставува објава, која се однесува на Исус Христос и на неговата улога како спасител на човечкиот род. Во поширока смисла на зборот се подразбира целиот Нов завет. Како време на составување на евангелијата се посочува втората половина на 1 век по Христос. Тие се напишани од апостолите Матеј, Марко, Лука и Јован, познати и како евангелисти (четрите евангелисти). Четирите евангелија се дополнуваат заемно и го распространуваат житието на Исус Христос.
Освен четирите канонични евангелија, постојат и педесетина апокрифни евангелија, кои не се вклучени во црковниот канон. Во 9 век евангелијата биле преведени од грчки на старословенски јазик. Меѓу нив најпознати се и Евангелието по Тома, Евангелието по Марија, Откровение според Павле и други.
ЛЕГЕНДА: Најстарото апокрифно евангелие вели дека Исус Христос не доживеал маки на распнувањето (Исус на крстот)
ЛЕГЕНДА: Ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, била порака на Исус Христос, која на најилустративен начин ги опишува довербата и важноста што тој ги имал во апостолот Петар (Петар со Исус)
ЛЕГЕНДА: Тој препишан фрагмент, кој ќе биде прифатен како Петровото евангелие, е првото пронајдено неканонско евангелие (ракописи)
ЛЕГЕНДА: Ракописот на пергаментен кодекс, кој бил пронајден на почетокот на 1887 година во некрополата Акхмим во Горен Египет од страна на францускиот археолог египтолог Гастон Масперо (некропола)
MIA


