Поранешниот бразилски репрезентативец Дани Алвеш изјави дека бил посреќен додека бил во затвор, отколку кога заработувал милиони евра како професионален фудбалер, истакнувајќи оти неговата вера во Бога му помогнала да го пронајде внатрешниот мир, објави шпанскиот весник „Марка“.
Алвеш, кој настапуваше за Барселона, Јувентус, Севиља, ПСЖ и бразилската репрезентација, неодамна одржа говор во Мадрид во кој зборуваше за своето искуство во притворот и важноста на верата.
„Заработував милиони евра, фала му на Бога и на фудбалот, но во тоа време не го сфатив тоа. Во затворот, каде заработував 113 евра, бев посреќен отколку кога заработував милиони“, рече Алвеш.
Бразилскиот фудбалер нагласи дека неговата вера му била најголемата поддршка во тој период.
„Играв фудбал, а потоа ги чистев собите во затворот, но го имав мојот Татко покрај мене“, рече Алвеш, алудирајќи на Бога.
Видеото од неговиот говор набрзо стана вирално на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции од јавноста.
Алвеш претходно беше обвинет за силување, но Високиот суд на Каталонија го ослободи од обвиненијата и ја поништи претходната пресуда со која беше осуден на казна затвор од четири и пол години. Претходно, Алвеш помина повеќе од една година во притвор, по што беше пуштен да се брани од слобода.
МИА


