СП 2026: Официјален Лондон бара истрага поради аргентинскиот транспарент за Фолкландските острови

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) да поведе истрага против репрезентацијата на Аргентина, побара денеска британската Влада, ден откако аргентинските фудбалери истакнаа транспарент со политичка порака за Фолкландските Острови, по победата над Англија во полуфиналето на Светското првенство.

Аргентина синоќа ја победи Англија со 2:1 и се пласираше во финалето на Светското првенство, а за време на прославата по натпреварот, Лисандро Мартинез и Џовани Ло Солсо позираа со транспарент што го зедоа од навивачите на кој пишуваше „Las Malvinas son Argentinas“ („Малвините, т.е. Фолкландските Острови се аргентински“).

Според правилата на ФИФА, политички пораки не се дозволени на теренот, што може да доведе до дисциплинска постапка против репрезентацијата на Аргентина.

Британскиот министер за економија, Питер Кајл, оцени дека однесувањето на аргентинските фудбалери било „целосно несоодветно“.

„Политиката мора да се одвои од фудбалот. Тоа е еден од основните принципи на Светското првенство. Сега е на ФИФА да спроведе темелна истрага“, изјави Кајл за Би-Би-Си.

Спортското ривалство меѓу Англија и Аргентина е дополнително заострено од долгогодишниот спор околу суверенитетот над Фолкландските Острови, британска прекуокеанска територија во Јужниот Атлантик со население од околу 3.500 жители.

Аргентина тврди дека островите ѝ биле нелегално одземени во 1833 година, додека Велика Британија наведува дека нејзиното право на територијата датира од 1765 година.

Спорот кулминираше во 1982 година кога Аргентина изврши инвазија, предизвикувајќи 70-дневна војна во која загинаа 649 аргентински и 255 британски војници, како и тројца локални жители.

МИА

Најчитани вести