Маѓепсаниот круг на владините задолжувања, на што СДСМ редовно укажува, повторно се манифестира на дело. Владата на Груевски вчера повторно се задолжи на домашниот пазар. 44 милиони евра! Попрецизно, 44 милиони 213 илјади 496 евра, соопшти денеска најголемата опозициска партија во Македонија, СДСМ.
-Вкупно, само за месец октомври, Владата се задолжила на домашниот пазар на капитал близу 230 милиони евра. Односно 225 милиони 380 илјади и 163 евра. Ова е трета аукција на хартии од вредност во месец октомври. Нивната прва цел е покривање на достасани долгови. Но, освен за тоа, Владата прави и нов (поголем) долг, се објаснува во нивното соопштение.
СДСМ ја повика Владата да соопшти пред јавноста колку од вчера подигнатите 44 милиони евра се наменети за раздолжување на поранешен долг, а колку се ново задолжување?
Според податоци од министерството за финансии, долгот на државата кон домашните кредитори изнесува неверојатни 1 милијарда евра. Вкупниот домашен долг, само во периодот јануари 2012 – август 2013 година е зголемен за речиси три пати.
-Алармираме на сериозност на проблемот! Бидејки Владата сериозно ја задолжува државата, а македонската економија реално тој долг не може да го отплаќа, дали ќе следат и нови задолжувања? И повторно прашуваме: Дали расипничката власт на Никола Груевски и Зоран Ставрески знае каде ја води државата ова неконтролирано задолжување на македонските граѓани – прашува СДСМ во своето соопштение упатено до Владата на Република Македонија.


