НБА играчот Ален Ајверсон на конференција за печат објави дека става крај на својата кошаркарска кариера. Ајверсон професионално немаше одиграно натпревар од јануари 2011 година, а повлекувањето го објави во Филаделфија.
-Официјално објавувам дека се повлекувам од кошарката. Горд сум што можам да кажам дека сум среќен по оваа одлука и се чуствувам одлично. За мене најважен момент во НБА лигата беше тоа што бев драфтуван и што добив шанса да бидам дел од НБА лигата, изјави Ајверсон.
Во НБА лигата Ајверсон одигра 16 сезони или вкупно 914 натпревари со просек од 26,7 поени по натпревар, 6,2 асистенции, 3,7 скокови и 2,2 украдени топки.
Во НБА лигата играше за Филаделфија (1996 – 2006 година), Денвер (2006 -2008), Детроит (2008 – 2009), Мемфис (2009) и Филаделфија (2009-2010), а беше дел и од европската кошарка кога го носеше дресот на Бешикташ од Истанбул (2010 – 2011).
Најдобрата сезона ја одигра во дресот на Филаделфија 2001 година кога беше прогласен и за најкорисен играч (МВП). Таа година играше и во финалето на НБА лигата кога Филаделфија загуби од ЛА Лејкерс. Во 1997 година беше избран за најдобар дебитант на лигата. Единаесет пати беше учесник на „Ол стар“ натпреварот, а четири пати беше најдобар стрелец. Како член на американската репрезентација освои бронзен медал на Олимписките игри 2004 година во Атина.


