Злосторникот мора да ја почувствува казната, мора да биде изолиран од општеството, ама сметам дека не смее да биде убиен. Казната има смисла само во случајот, ако правдата погреши и може да биде исправена
Велигден измина, што значи дека е фер да се каже збор-два околу насилните умирања. Смислата на христијанскиот празник – како всушност и мноштвото други работи – со тек на времето се извитоперија, па празнувањето се претвори во празноверие, гозби и „крканација“. Во текот на празникот, се воздржав од секаква работа, но тоа не значи дека човек треба да „лешкара“ со духот. Размислување околу модалитетите и перверзиите на груевистичките убиства се практично духовна вежба, христијанско сочувствување со убиените, а во некоја рака и симболичко воскреснување.
За разлика од балканските Словени кои преферираат ритуални предегзекуциони дивеења, изживувања и понижувања, Русите сакаат безлични, ефикасни и евтини егзекуции. Во Русија, веројатно и ден-денешен, смртната казна над осудениците на смртна казна се извршува така што осуденикот ќе се одведе во некоја подрумска просторија каде што дежурниот офицер ќе му „свирне“ куршум во тилот. Нема тамо читање на досадни пресуди, стрелачки одреди, дежурни лекари кои треба да констатираат смрт и – воопшто – цели кореографии кои треба да ги заташкаат фактите кои велат дека и државите, како и злосторниците, прават иста работа.
Укинувањето на смртната казна во многуте земји навистина е едно од ретките достигнувања на дваесетиот век. Јас сум, иначе, противник на претерана хуманизација во затворите, како што тоа е случајот со нордиските земји, каде што затворите се често покомфорни од провинциските македонски хотелчиња, поготово не за свирепи убијци и силувачи на деца. Злосторникот напросто мора да ја почувствува казната, мора да биде изолиран од општеството, ама сметам дека не смее да биде убиен. Казната има смисла само во случај ако правдата погреши и може да биде исправена.
Ако тргнеме од ставот дека убиството е недопуштено, не гледам зошто на државата би и се дало такво право да може да убива и да помине неказнето.
На државата, воопшто, треба да и’ се дава што помалку права и привилегии над човечките тела и човечките интими; тамо каде ова успеало, овоземните животи поминуваат во релативен мир. Ние, за жал, немаме таква среќа. Нашата држава некогаш ќе се одрекне од навиката (потребата?) да чепка по човечката душа и совест, а тоа, „на рака“ им оди на овдешната „затуцана“ патриотска популација која во државата гледа некаков фетиш, остварување на некакви вековни соништа.
Воопшто, идејата за нагласен, секојдневен патриотизам како „лајф стајл“, неверојатно е кретенска! Далеку сум од секоја симпатија за анархистите – неверојатно безвезни „баџанаци“ – држам до тоа дека луѓето имаат извесни, точно утврдени обврски према државата. Би требало да биде и обратно! Ама самата обврска дека имам должност да си ја сакам државата – се’ и да е сто пати подобра од оваа нашата банана, никогаш воспоставена држава, никако не’ ми влегува во глава. Посебно не ми е јасно што има да ја сакам државата, а на тоа непрестано се инсистира. Во идеален случај, на државата треба да се гледа како на пошта. Пошта ти овозможува да телефонираш, да испраќаш телеграми и испратници, ти ги плаќаш услугите и работата беспрекорно функционира. Како што тоа функционираше накаде во седумнаесети век, како не’ учат книгите, пред ѓаволот да дојде по своето.
Во монархиите, барем во оние подобрите, работата стоеше поинаку. На цена беше личната лојалност према суверенот, втемелена на чувство за чест. И навистина, можам себе да се замислам како го љубам или мразам кралот, затоа што кралот е секогаш конкретна личност која може да предизвика симпатии или антипатии, ама не можам себе да се замислам да ја сакам (или мразам) републиката затоа што не можам да љубам алгоритми и слични апстрактни рабоќе.
Изгледа кај нас, страв во коски и љубов кон апстракции почна да се всадува во моментот кога заладија односите измеѓу луѓето! Оти, пазете: декларативна љубов према државата ти дава широк маневарски простор да мразиш се’ останато. Треба ли да се докажува после се’ што видовме изминативе години?
Наредбодавачот на масовниот колеж во Катинска шума, претпоставувам, гаел силна љубов према некоја „возвишена идеа“. Или можеби не! Можеби беша само државна „работа“, намерачена да се уништи полската елита, оти Полска – или барем еден нејзин дел – во тој период била припоена со СССР. Резултат? Стравична (и вечна) омраза на Пољаците према Русите. Русија, како не’ учи Капушќински пак, од сите страни е опкружена со sидовите на стравична омразеност и, како не’ учи Капушќински, многу е свесна за тоа. Дури, ми се чини, дека нема ниедна земја со која Русија граничи а да има изградено барем пристојни односи.
Голема работа е земјата да не’ се граничи со Русија, па оттука ми се чини како безвезни напорите македонските груевистички русофили што инсистираат за приближување кон Матушка. Пред очите им се одвива крвав пир, а никакви поуки од тоа не се извлекуваат. Дури мислам, не би било добро ако се остварат соништата на руските опоненти и Русија се распадне, што не е неможно како на прв поглед се чини; оти, драги луѓе, гледајте, Русија, тоа не се само стотина милиони руси кои пијат вотка и свират на балалајки, тоа е таков конгломерат од непомирливи разлики и антагонизми што – само како илустрација – бившата Југославија, не пак кутрата Македонија, изгледаше како монолитна земја наспрема Русија. Тешко му е на овој свет со Русија, дури и кога таа е цела, а камо ли Русија во „пичвајс“ состојба затоа што овој свет не би можел тоа да го издржи.
Среќен велигден. Да живее револуцијата!
Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист


